Претседателката Гордана Силјановска-Давкова синоќа го отвори петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, чија покровителка е таа. Во обраќањето истакна дека театарот им помага на луѓето да ги надминат разликите, да ги разберат туѓите искуства и да го препознаат заедничкото и човечкото.
-Театарот нè учи да погледнеме подалеку од разликите, да го слушнеме другиот и во неговото искуство да препознаеме нешто блиско и свое, наше, заедничко, човечко – рече Силјановска-Давкова.
Таа ги поздрави уметничките успеси и достигнувањата на Театарот за деца и младинци, истакнувајќи дека тие се постигнати во скромен простор што со децении не е променет. Годинашното мото на фестивалот, „Сите сме исти. И јас и ти“, го оцени како уметнички и хуман повик за почитување на правото на секој човек на сопствен живот, свет и приказна.
Според претседателката, токму во срцето на Скопје, низ генерации деца растеле и твореле актери кои преку театарот ги доближувале различните култури и ги исполнувале детските соништа.
Таа посочи дека уметничкото наследство на Игор Маџиров продолжува да живее преку новите генерации актери и нивните остварувања, како и преку публиката што повторно ја открива магијата на сценската уметност.
Силјановска-Давкова ја повтори и желбата Театарот за деца и младинци да добие соодветен простор, каков што заслужуваат актерите и најмладата публика.
-Преку играта, смеата и тагата, храброста и сомнежот, правдата и неправдата, театарот како уметност на невозможното ни помага да ги препознаеме човечките слабости и доблести, внатрешните борби, да се радуваме и да се нервираме, бурно да реагираме – истакна претседателката.
Таа нагласи дека создавањето претстави за деца и настапувањето пред најмладата публика носат посебна одговорност, бидејќи децата се љубопитни и критички настроени гледачи кои поставуваат смели прашања и отворено ги изразуваат своите ставови.
Обраќајќи им се на децата, претседателката ги повика да размислуваат слободно, да ја негуваат љубопитноста, да поставуваат прашања и да не престануваат да фантазираат и да сонуваат.
-Не престанувајте да прашувате, да замислувате и да сонувате, зашто токму во детските пориви се крие тајната и силата на новото, незамисливото, чудното, неочекуваното – порача Силјановска-Давкова, прогласувајќи го фестивалот за отворен.
Фестивалот започна со претставата „Која е Лорет“, а во програмата учествуваат театри и уметници од Македонија, Србија, Хрватска, Чешка и Шпанија. Работилниците ќе вклучат гости од Бугарија, Грција и Босна и Херцеговина. На фестивалот учествуваат истакнати автори, режисери, актери и драмски писатели.
Билетите за претставите се достапни на билетарницата на Театарот за деца и младинци во Скопје.



































