Техно
Складирањето во облак може да биде клучно за ефикасно управување со податоци. Можете да добиете значително количество простор за месечна претплата. Но ако не сакате да плаќате, можно е да ги комбинирате бесплатните опции и да соберете доволно количество слободен простор без трошоци. Не заборавајте дека не треба да се потпирате само на складирање во облак за вашите резервни копии.
Гугл драјв нуди до 15 гигабајти простор по сметка, но тој простор е поделен помеѓу сите апликации на Гугл, вклучувајќи ги имејл, Гугл драјв и Гугл фотос, како и резервните копии за вашиот андроид-уред. Можете да отворите повеќе кориснички сметки со Гугл и на тој начин да ги соберете доделените 15 ГБ простор. Забележете дека „Гугл“ неодамна воведе ограничување од пет ГБ слободен простор за одредени нови сметки, но можете да го заобиколите ова со поврзување на телефонски број. Корисниците на ајклауд автоматски добиваат пет ГБ бесплатен простор, кој се дели помеѓу резервни копии, фотографии и датотеки, како и податоци од пораки, пошта, контакти, Фејстајм, гласовни белешки и покани од „Епл“.
Уандрајв исто така нуди пет ГБ бесплатен простор за складирање во облак, за што треба да имате сметка на Мјакрософ 365. Овој простор е наменет за складирање документи, датотеки и фотографии во Уандрајв, додека за е-поштата во Аутлук е обезбеден посебен капацитет од 15 ГБ.
Бокс нуди 10 ГБ безбеден простор за складирање како дел од својот бесплатен пакет. Постои ограничување на големината на датотеката за прикачување од 250 МБ, така што ова не е најдобрата опција за мултимедијални или поголеми датотеки. Дополнително, имате пристап само до една верзија од датотеката. Корисниците на бесплатната верзија добиваат пет барања за електронски потпис месечно.
Можете да го наполните и бесплатниот пакет на Дропбокс со фотографии, документи и датотеки од најмногу три уреди. Услугата може да се користи за споделување датотеки и соработка со други корисници, а услугата се интегрира со голем број апликации од трети страни.
































