Фото: Министерство за финансии

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во рамки на Годишните средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Бангкок, Тајланд, оствари средби со високи претставници на меѓународните финансиски институции, на кои се разговарало за тековните проекти, реформите и можностите за продлабочување на соработката со Македонија.

Димитриеска-Кочоска се сретнала со регионалната потпретседателка на Светската банка за Европа и Централна Азија, Антонела Басани, потпретседателот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) за Европа, Латинска Америка и Карибите, Алфонсо Гарсија Мора, и извршниот директор на Светската банка за конституенцата во која членува Македонија, Јуџин Ругенат.

Како што соопшти Министерството за финансии, на средбите биле разгледани досегашната соработка, тековните активности и проектите што се реализираат во земјата, како и можностите за дополнителна поддршка на реформите и развојните приоритети.

Тековното портфолио на Светската банка опфаќа проекти за унапредување на јавните финансии, модернизација на инфраструктурата, енергетска ефикасност, образование, социјална заштита и земјоделство. Посебен акцент бил ставен на Рамката за партнерство со Светската банка за периодот 2024–2028 година, која предвидува финансиска и техничка поддршка за земјата во вредност од околу 700 милиони долари.

На разговорите била истакната и улогата на Меѓународната финансиска корпорација во поттикнувањето на приватните инвестиции, подобрувањето на деловното опкружување, поддршката на зелената транзиција и зголемувањето на конкурентноста на домашната економија.

Димитриеска-Кочоска нагласила дека Владата останува посветена на реформите, макроекономската стабилност и подобрувањето на управувањето со јавните финансии. Таа посочила дека партнерството со меѓународните финансиски институции е важно за реализација на стратешките инвестиции и постигнување долгорочен и одржлив економски раст.

Претставниците на Светската банка ја поздравиле определбата за продолжување на реформите и ја потврдиле подготвеноста за натамошна финансиска и експертска поддршка.

На средбите присуствувал и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој разговарал со Басани и Ругенат за интеграцијата на домашниот финансиски систем во европската платежна инфраструктура.

Според информациите од Народната банка, Светската банка ги поддржува активностите за воспоставување национален систем за инстант плаќања, негово регионално поврзување со платежните системи на земјите од Западен Балкан и интегрирање со ТИПС, системот на Европската централна банка за порамнување инстант плаќања.

Славески истакнал дека една година по приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), иницијативата станала важен канал за прекугранични плаќања во евра, со придобивки за граѓаните, бизнис-заедницата и економијата во целина.