Фото: ЕПА

ПО ПОБЕДАТА СО РЕКОРД НА МАРАТОНОТ ВО МЕЛБУРН

  • Маратонот во Мелбурн беше третата етапа од светската турнеја на Кипчоге, во чии рамки тој се надева дека ќе истрча маратон на сите седум континенти во текот на две години. Со секој маратон ќе се собираат средства за фондацијата „Елиуд Кипчоге“

Двократниот олимписки шампион Елиуд Кипчоге вели дека „неговото тело уште е во врвна форма“, откако победи на маратонот во Мелбурн (Австралија) со рекордно време на патеката, на возраст од 41 година. Кениецот ја помина целта со време од два часа, девет минути и 10 секунди, што е негова 17. победа во кариерата на оваа дистанца и прва по маратонот во Берлин (Германија) во 2023 година, пишува „Би-би-си“.
– Верувам дека моето тело уште е во врвна форма, уште можам да се натпреварувам со следната генерација. Јас сум најстариот атлетичар уште се натпреварува, но среќен сум што трчам заедно со припадниците на генерацијата зед – рече Кипчоге по триумфот, пренесе „Би-би-си“.
Дел од трката се одвиваше по патеката за Формула 1 во „Алберт парк“, а заврши на стадионот „Мелбурн крикет граунд“.
– На патеката беше навистина прекрасно, уживав гледајќи ги луѓето како стојат, навиваат и го извикуваат моето име. Навистина беше поинакво трчање по прекрасна патека, но и по патеката за Формула 1, а пред сѐ, завршување на терен за крикет. Ме исполнува со гордост тоа што трчам со помладата генерација и што ја инспирирам тркачката заедница во Мелбурн – рече Кипчоге, пренесе „Би-би-си“.
Камил Френч од Нов Зеланд победи во трката за атлетичарки (2:28,25 часа). Маратонот во Мелбурн беше третата етапа од светската турнеја на Кипчоге, во чии рамки тој се надева дека ќе истрча маратон на сите седум континенти, вклучително и на Антарктикот, во текот на две години. Со секој маратон ќе се собираат средства за фондацијата „Елиуд Кипчоге“, која се фокусира на образованието, еколошката одржливост и здравјето. Кипчоге важи за еден од најголемите тркачи на долги патеки на сите времиња, тој освои два златни олимписки медали во маратон, и сребрен и бронзен медал во трката на 5.000 метри. Неговите достигнувања вклучуваат и светска титула, 12 победи на најпрестижните светски маратони и два официјални светски рекорди. Во 2019 година тој стана првиот човек што ја проби границата од два часа во маратонот под посебни услови во Виена, постигнувајќи неофицијално време од еден час, 59 минути и 40 секунди, пишува „Би-би-си“. Г.И.