Фото: АФМ

АТЛЕТИКА

Нов национален рекорд за пионерки на Анастасовска

Младата македонска атлетичарка, членка на атлетскиот клуб Куманово, Јана Анастасовска, постави нов национален рекорд за девојчиња до 16 години во дисциплината 60 метри со пречки. Таа на 14. Меѓународен атлетски митинг „11 Октомври“ во Куманово победи со време од 10,19 секунди, на тој начин подобрувајќи го претходниот македонски рекорд, кој изнесуваше 10,38 секунди. Со само 14 години, Анастасовска покажува голем атлетски потенцијал, а овој постигнат резултат е најава за уште многу успешни настапи и рекорди во иднина, информираат од Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Г.И.


ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ „НЕЗАБОРАВ ЗА ХЕРОИТЕ“

Суљовиќ победи на турнирот со брзо темпо

ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Србија, Сулејман Суљовиќ (рејтинг 2.226 поени, рангиран прв пред турнирот), победи на ветеранскиот турнир во брз шах, кој во рамките на шаховскиот фестивал „Незаборав на хероите“, а по повод државниот празник 11 Октомври се одигра во Скопје, во организација на ШКВ Скопје 72. Во конкуренција на 23 шахисти, по 10 кола, победникот освои 9,5 поени, пехар, парична награда од 4.000 денари, како и нови 27,4 рејтинг-поени и стана ветерански шаховски првак на Скопје за 2026 година во категоријата брз шах. Второто место му припадна на ФМ Александар Кралевски (2.046, рангиран четврти пред турнирот) со девет поени, а третото на ФМ Јани Богоевски (2.124, рангиран втор) со 7,5 поени, колку што имаше и Ацо Атанасов (2.110), но со послаб дополнителен критериум од Богоевски. Судија на турнирот беше ФМ Љубомир Хаџи-Манев. Г.И.