Генералното собрание на Обединетите нации избра 15 држави за нови членки на Советот за човекови права, кои ќе ја извршуваат функцијата со тригодишен мандат, почнувајќи од 1 јануари 2027 година.
На тајното гласање сите 15 кандидати настапиле без противкандидати во рамките на своите регионални групи. Меѓу новоизбраните членки се Украина и Молдавија од источноевропската група, како и Германија и Ирска од групата на западноевропски земји.
Шест држави добија повторен тригодишен мандат: Бурунди, Гана, Јапонија, Кувајт, Бразил и Доминиканската Република.
Според објавата на Советот на социјалната мрежа Икс, од африканската група се избрани Бурунди, Гана, Нигерија и Замбија. Азиско-пацифичката група ќе ја претставуваат Јапонија, Јордан, Кувајт и Непал, додека од Латинска Америка и Карибите се избрани Бразил, Доминиканската Република и Уругвај. Од западноевропската група членки ќе бидат Германија и Ирска.
Советот на ОН за човекови права, со седиште во Женева, е главното меѓувладино тело на Обединетите нации задолжено за унапредување и заштита на човековите права ширум светот.
Советот има вкупно 47 држави членки, а приближно една третина од местата се обновуваат секоја година. Со тоа се обезбедува континуитет во работата на телото, при истовремено почитување на принципот на рамномерна географска застапеност.
Местата се распределени во пет регионални групи. Африканските и азиско-пацифичките држави имаат по 13 места, Латинска Америка и Карибите осум, западноевропските и другите држави седум, а источноевропските држави шест места.
































