Валандово / фотографија креирана со помош на ВИ

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (26)

Записите на познатиот османлиски патописец Евлија Челебија претставуваат исклучително значаен примарен извор за проучување на социокултурните, верските и економските услови на Балканот под османлиска власт. Овој сегмент, забележан за време на неговото патување низ Источна Македонија во 1668 година, дава детално сведоштво за касабата Валандово (во текстот забележана како Вландово), нејзиниот манастирски комплекс, локалните легенди и секојдневниот живот на населението. Како типичен претставник на својата епоха, Челебија ги испреплетува реалните географски и административни податоци со ориенталната наративна традиција, бележејќи прецизни детали за занаетчиството, народните верувања и за демографската слика на регионот.

Опис на прекрасната касаба Валандово

„Вистинското име му е Вландово (Виландива), со значење голем поп. И ова е еден војводлак на територијата на ќустендилскиот санџак. Муслимани има малку, а христијани многу. Со овие христијани управува протопрезвитер (протојереј), што значи селски старешина (ќехаја), кој потекнува од родот на попот Вландов, кој прв го основал овој шехер, па тој е наречен по името на тој поп; затоа ова место се нарекува Вландово. И сега во ова место постои голем манастир на тој поп. За особеностите на тој манастир слушав дури во земјата Ердељ, во неверничката земја Алманија (Германија) и во шведскиот вилает. Претходно не го бев видел, туку дури сега; влегов внатре, го разгледав и го набљудував. Тоа е уметнички изграден манастир во планинско место, со железна порта како некаква тврдина. Сите куполи му се покриени со олово, така што кога човек што се разбира во архитектура внимателно ќе го погледне овој калуѓерски манастир, останува вчудовиден и восхитен. Празните садови, уметнички изработените и закачени лустери што се наоѓаат таму, како и разновидните столбови и мермерните подови, кои се избрусени како скапоцени камења, и со прекрасни фрески обложените ѕидови се толку интересни што сличен манастир нема во земјите на манастирите. Младите калуѓери во овој манастир се толку убави и стамени момчиња што такви нема во ниедна патријаршија. Накратко, неговиот опис претставува замор. Овој манастир е наречен по името на попот Виландија, кој го подигнал, па затоа го нарекуваат манастир Виландива.

Интересно чудотворство, божја промисла

Велат дека во прастари времиња еден од апостолите на почитуваниот Христос по име Свети Симеон дошол на ова место и со својот благословен прст покажал на еден камен на кој се појавил отвор. За чудо божјо, каменот се преполовил и од тој отвор сега тече вода чие чудотворство е следното: Ако некоја нечиста христијанка со менструација или пијан и неизмиен (нечист) маж неверник се приближи до овој камен и почне да зема вода, тогаш веднаш, во истиот миг почнува да тече крвава вода. Ако, пак, од таа вода земе еден чист човек (маж), тогаш почнува да тече помалку солена вода. Чудно е што возвишениот Бог никогаш и никаде не им дал пријатен мирис на водите, со исклучок на ’водата на животот‘ и ’водата студенец‘. Единствено изворот Земзем во чесната Мека има помалку пријатен мирис. Исто така се чувствува мирисот на изворот Силван во чесниот Ерусалим. Но ако на облеката на човек што пие од тој Симеонов извор, што се наоѓа во оваа црква Вландово, падне капка вода, се чувствува силен мирис како од амбра и мошус. Нејзиниот мирис воопшто не излегува од облеката. Оној што ќе се напие од таа вода мириса како два-три дена да пиел розово масло. Затоа поповите што се наоѓаат таму одат секој ден да се измијат во друга вода, па дури потоа доаѓаат овде, земаат и пијат од оваа вода. Ако, пак, некој каже: ’Одам нечист и небањат да земам од оваа вода‘, и така постапи, тогаш потекува крв. Тоа е, ете, многу ретка и сосема необична појава. Само, понекогаш поповите прават итрина, па самите не се мијат и не се капат, туку праќаат малолетни и мали деца да им донесат од оваа вода и така ја пијат. Природата на оваа вода е да отвора. Бидејќи една ока (од оваа вода) дејствува колку десет пати повеќе од медицински сируп, поповите ја разнесуваат оваа мирислива Симеонова вода во тестии низ целиот христијански свет и ја продаваат. Накратко кажано, ова е интересно туристичко место.
Оваа касаба Вландово е кадилак со ранг на кадилак од осумдесет акчиња. Неговата нахија се состои од четириесет села. Понекогаш овој кадилак се припојува кон тиквешкиот кадилак. Самото место се наоѓа во ридест планински предел богат со лозја и шуми. Како што сите тие планини и шуми се обраснати со габер, овде има многу кози и овци што добро се гојат. Некои планини се помалку каменити.

Во подножјето на тие гори лежи ова место од сто и педесет сиромашни куќи покриени со ќерамиди, штици и трска. Тука нема многу големци и угледни луѓе. Сите жители, рајата и берајата (повластените), носат облека од сукно што наликува на бела чоја. ’Срамота е‘, велат, ’да се носи црна облека; тогаш човек нема среќа‘. Сите жители, мало и големо, произведуваат сукно и таа своја стока ја продаваат еднаш годишно на дољанскиот панаѓур. Шеснаесет аршини аба (сукно) продаваат за шеесет до седумдесет акчиња. Тоа е многу евтино. Овде се наоѓа само една џамија и еден месџид, а не се сеќавам дали има мектеб, медреса и теќе. Има еден амам, два ана, околу педесет мали дуќани и многу лозја и бавчи. Бидејќи климата, водата и воздухот се пријатни, овде има многу убави девојки. Јас толку време патував низ сите христијански земји, а никаде не видов толку чист христијански свет како што се куќите и јадењата на овие христијани. Вистина, во суштина и тие се нечисти, но чергите и садовите, колку што може да се види, им се сосема чисти. Чистите црни плетенки, односно главите на прекрасните девојки што се наоѓаат во овој крај, се украсени со дукати, грошеви, бапки, пари и дубровнички динари. Во нивните ѓердани на градите има од една до две оки: алкали и магтили. Нивните голи гради се украсени со разновидни амајлии и талисмани оковани во сребро. Ја разгледав оваа интересна касаба, а потоа тргнав понатаму кон север низ дабова шума и пространи, плодни, зелени полиња. Поминувајќи низ многу богати и добро населени села со бавчи и лозја, стигнав во Струмица…“
Внимателната анализа на текстот открива повеќеслоен поглед врз локалната историја, каде што се препознаваат спецификите на османлиската административна терминологија, но и етнографските карактеристики на тогашното население. Иако патописецот користи сопствена верска и геополитичка призма придружена со вообичаени хиперболи за чудотворната вода и раскошот на манастирот, неговите набљудувања за трговијата со сукно, селските панаѓури и традиционалната носија содржат автентична фактографска вредност. Овие фрагменти остануваат незаменлив историски документ за реконструкција на материјалната и духовната култура на југоисточниот дел на Македонија.

(превод на македонски од изданието Евлија Челеби – Путопис, одломци о југословенским земљама, Сарајево 1979)

М-р Никола Ристевски

(продолжува)