Фото: Маја Јаневска - Илиева

НАТО ја започна годишната воена вежба „Steadfast Noon“, посветена на подготовките за одбрана на територијата на Алијансата со употреба на нуклеарно оружје. Вежбата ќе трае до крајот на следната недела, а во неа ќе учествуваат војници од 17 земји, потврди портпарол на воената команда на НАТО во белгискиот град Монс, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Германија за потребите на вежбата распореди три авиони „Торнадо“ од 33-тото тактичко воздухопловно крило во воздухопловната база Авиано, во северна Италија. Според германското воено воздухопловство, во активностите учествуваат и неколку десетици германски војници.

Авионите „Торнадо“ вообичаено се стационирани во воздухопловната база Бихел, во германската сојузна покраина Рајнска област-Пфалц. Според непотврдени информации, во базата се чува американско нуклеарно оружје, кое во вонредни околности би можело да биде употребено од германски ловци-бомбардери во рамките на договорот на НАТО за споделување на нуклеарното оружје, наведува ДПА.

Италија, Белгија и Холандија, исто така, се сметаат за европски земји во кои се наоѓа американско нуклеарно оружје.

НАТО досега не објави детални информации за текот и сценариото на годишната вежба. Од седиштето на Алијансата претходно соопштија дека нејзиниот обем ќе биде споредлив со оној на минатогодишното издание.

Во вежбата минатата година учествувале околу 2.000 припадници на воениот персонал и повеќе од 70 авиони, меѓу кои и современи ловци Ф-35, авиони за надзор и авиони-цистерни.

Иако конкретното сценарио на „Steadfast Noon“ останува тајно, воените експерти наведуваат дека ваквите вежби, кои редовно се одржуваат во октомври, вклучуваат обука за безбеден транспорт на оружјето од подземните складишта до авионите и негово поставување на борбените летала.

ДПА потсетува дека во текот на овие активности и на симулираните напади се користат исклучиво вежбовни бомби, без нуклеарни боеви глави.