Фото: ЛС

Општина Прилеп е добитник на признанието „Municipal Circular Leadership Award 2026“, откако меѓународно жири ја избра за најуспешна во оваа категорија на ниво на Западен Балкан.

Од Општината оценуваат дека признанието е потврда за досегашните активности за заштита на животната средина, поттикнување одржливи навики кај граѓаните и воведување современи решенија за управување со отпадот.

Според податоците што ги соопштува Општина Прилеп, 49 проценти од граѓаните веќе селектираат отпад од пакување во своите домови. Од локалната самоуправа посочуваат дека ова е значаен чекор кон почиста животна средина и поодржлива иднина.

Градоначалникот Дејан Проданоски најави продолжување на активностите за модернизација на системот за управување со отпад, вклучително и развој на инфраструктура за секундарна селекција со капацитет до 10 тони на час.

Плановите опфаќаат и подобрување на системот за собирање и раздвојување различни категории отпад, воведување решенија за компостирање и третман на градежниот шут, како и рекултивација на постојната депонија и намалување на количеството отпад што завршува на депонирање.

-Отпадот не мора да биде крај на еден процес, туку почеток на нова вредност – истакна Проданоски, додавајќи дека меѓународното признание претставува и мотив и обврска за постигнување нови резултати.

Тој порача дека Општина Прилеп ќе продолжи да инвестира во подобра инфраструктура и да ја развива циркуларната економија, со цел отпадот да се користи како ресурс, а не само да се депонира.

Ка.М.