Според најновиот извештај на „Евростат“, демографската слика во Македонија дава оптимистичка перспектива
- Во економските разговори за Македонија демографијата најчесто се појавува како – предупредување. Имено, иселувањето, стареењето на населението и намалувањето на бројот на жители со години се читаат како закана за идниот економски раст. Меѓутоа, најновите податоци на „Евростат“ (статистичката служба на ЕУ што собира, обработува и објавува споредливи статистички податоци за земјите членки и за европските партнерски земји) нуди и една поинаква, пооптимистичка перспектива
- Економската сила на една земја не се мери само со тоа колкав процент од населението е на работоспособна возраст. Се мери со тоа колкава вредност создава секој од тие луѓе. Македонија и сега има добра почетна карта. Македонија сè уште има релативно висок удел на луѓе на работоспособна возраст. Но следната голема економска задача е тој демографски потенцијал да стане продуктивен, квалификуван и, следствено на тоа, добро платен човечки капитал, велат нашите соговорници
Во својот најнов извештај, статистичката институција на ЕУ – „Евростат“ во јавноста проследи информација дека 59,5 проценти од населението во Македонија е на возраст од 20 до 64 години, наспроти 58,3 проценти во Европската Унија.
– Според официјалниот податок на „Евростат“, барем според структурата на населението, Македонија располага со релативно добар потенцијал на луѓе на работоспособна возраст. Разликата од 1,2 процентни поени во наша корист наспроти ЕУ не е статистичка сензација, но економски не е ниту безначајна. Според овие бројки на „Евростат“, тоа кажува дека Македонија сè уште не е земја во која демографската структура целосно го затвора просторот за раст. Напротив, во структурата на населението сè уште постои ресурс што може да биде основа за поголема економска активност, инвестиции и раст на продуктивноста. Тоа е добрата вест. Лошата би била ако овој ресурс го гледаме само како број на луѓе – вели нашиот соговорник, аналитичар што долги години бил вработен во македонскиот Завод за статистика.
Работоспособно население не значи автоматски – продуктивно
Според нашиот соговорник, бројката од 59,5 проценти не кажува колку од овие луѓе работат, колку активно бараат работа, какво образование имаат, колку часови работат или колкава економска вредност создаваат.
– „Евростат“ јасно прави разлика меѓу работоспособното население и индикаторите на вработеност и економска активност. Возрасната група од 20 до 64 години се користи како клучна група за анализите на работниот пазар, но таа претставува потенцијална, а не целосно активирана работна сила. И токму тука се наоѓа најголемата економска шанса за Македонија. Прашањето во јавноста што треба да добие друг објектив е да престанеме да ја акцентираме формулацијата „колку луѓе имаме“, туку да го активираме предизвикот за тоа „колкава вредност можеме да создадеме со луѓето што ги имаме“ – вели нашиот соговорник, додавајќи дека тоа би било многу посуштинска економска тема.
Полошкиот Регион покажува дека потенцијалот не е еднаков насекаде
Анализирајќи ги и податоците во длабочина, нашиот соговорник истакнува и други интересни статистички моменти.
– И регионалната слика е интересна. Според податоците што се поврзуваат со најновата регионална статистика, најголем удел на население на работоспособна возраст меѓу македонските региони има Полошкиот Регион, со 61,6 проценти, додека најнизок има Скопскиот Регион, со 58,3 проценти. Ова е важен потсетник дека демографијата не е само национална тема и дека таа има силна регионална димензија. Различни региони имаат различна старосна структура, различни миграциски движења, различна понуда на работна сила и различни економски можности. Затоа економската политика не може да биде целосно униформна. Во еден регион приоритет може да биде привлекување инвестиции, во друг подобро образование и преквалификација, во трет инфраструктура, а во четврти задржување на младите луѓе – анализира нашиот соговорник.
Европа старее, отвора ли тоа можност за Македонија или, пак, ризик да го
„вшмука“ нашето работоспособно население
Европската споредба ја прави македонската бројка уште поинтересна. „Евростат“ покажува дека во 39 региони на ЕУ најмалку 63 проценти од населението е на возраст од 20 до 64 години. Но, истовремено, во 189 региони уделот е под 55 проценти. Таквите региони се претежно рурални и се распространети низ внатрешноста на Португалија, руралните делови на Франција, источна Германија, како и делови од Бугарија, Грција и нордиските земји. Тоа е европскиот парадокс. Најголемите европски економии имаат капитал, технологија, знаење и висока продуктивност, но истовремено се соочуваат со стареење на населението и недостиг од работници во низа сектори.
– За Македонија ова може да биде ризик, но и можност. Ако европските компании во иднина сè повеќе бараат луѓе, знаење и производствени капацитети во поблиското соседство, Македонија може да има нешто што е сè повредно, како што е релативно поволната демографска структура во комбинација со географската близина до европскиот пазар. Но само ако знае да го искористи тоа – вели нашиот соговорник.
Следниот чекор не е да имаме повеќе луѓе, туку кај оние со кои располагаме да создадеме подобри вештини
– Подобро знаење, вештини, одговорност и продуктивност е важната економска задача за Македонија. Македонија не може долгорочно да ја гради конкурентноста само врз евтина работна сила. Таквиот модел има ограничен рок. Земја со мал број жители не може да победи во трката со поголеми економии така што ќе понуди само пониски плати. Може да победи ако понуди повисока продуктивност по работник. Тоа значи подобро образование, поквалитетна стручна подготовка, дигитални знаења, технички и инженерски компетенции, менаџерски вештини, познавање странски јазици и способност за работа со нови технологии. Особено е важно поврзувањето на образованието со реалните потреби на компаниите. Не е доволно да имаме дипломирани луѓе. Потребни ни се луѓе со знаење, вештини, посветеност и упорност што може да се претвори во производ, услуга, извоз и повисока додадена вредност – анализира нашиот соговорник.
Македонија има демографски капитал
Бројката од 59,5 проценти од населението во Македонија што е на возраст од 20 до 64 години треба да се чита кај нас како стартна позиција, а не како конечен резултат.
– Македонија има демографски капитал. Се намалува, но сѐ уште има. Сега Македонија треба да го претвори тоа во економски капитал. Тоа подразбира и поголема вклученост на жените на пазарот на трудот, активирање на младите што не се вработени, инвестиции во преквалификација и доживотно учење, како и подобро искористување на потенцијалот на повозрасните работници. Да се обрне внимание и пожестоко да се бориме против сивата економија. Паралелно со сето тоа, компаниите мора да инвестираат повеќе во технологија, автоматизација и организација на производството. Зашто продуктивноста не расте само со тоа што работникот работи повеќе. Расте кога работникот има подобра машина, подобар софтвер, подобар процес, подобро знаење и подобар менаџмент – тврди нашиот соговорник.
Демографијата не мора да биде само приказна за загуба
Најважната порака од овие бројки е дека демографијата не мора да биде само приказна за загуба. Македонија има сериозен демографски проблем и тој не треба да се потценува. „Евростат“ покажува дека европското население старее, а и Македонија постепено се движи во истата насока. Но моменталната старосна структура сè уште остава простор за економска офанзива. Затоа следните години треба да се искористат како прозорец на можност.
– Апсолутно сме свесни за состојбите. Но апсолутно треба да бидеме свесни и дека се неопходни повеќе инвестиции во луѓето, повеќе инвестиции во знаење, повеќе продуктивност, повеќе технологија, повеќе извоз на производи и услуги со висока додадена вредност… И, секако, подобри услови за оние што заминале да можат да се вратат, како и за странските компании и работници што можат да придонесат во домашната економија. На крајот, економската сила на една земја не се мери само со тоа колкав процент од населението е во работоспособна возраст. Се мери со тоа колкава вредност создава секој од тие луѓе. Македонија и сега има добра почетна карта. Европа има сè помалку работници. Македонија сè уште има релативно висок удел на луѓе на работоспособна возраст. Следната голема економска задача е тој демографски потенцијал да стане продуктивен, квалификуван и, следствено на тоа, добро платен човечки капитал. Ако успееме во тоа, бројката од 59,5 проценти нема да биде само статистички податок. Ќе биде една од најважните конкурентски предности на македонската економија во следната деценија – поентира на крајот на брифингот нашиот соговорник. Е.Р.
































