Фото: „Нова Македонија“

Големата европска битка што допрва доаѓа

Изјавата на еврокомесарката Марта Кос дека иднината ја гледа во „една Европа“ во која граничните точки и патиштата повеќе нема да го имаат истото значење отвора прашање многу поголемо од проширувањето на Европската Унија. Прашањето е дали Европа оди кон заедница на суверени држави или кон сè поцентрализиран политички систем.
На хартија, европските договори се внимателни. Принципот на доделени надлежности вели дека Унијата може да дејствува само во рамките на овластувањата што државите ѝ ги пренеле, додека супсидијарноста бара одлуките, кога е можно, да се носат на национално, регионално или локално ниво. Но политиката не е само она што го пишува во договорите. Таа е и прашање во која насока се движи системот. Токму тука започнува европската дилема.

1. Германија – моќен центар, но и силни покраини

Германија е особено интересен пример. Таа е една од најмоќните држави во ЕУ, но не е централизирана држава. Напротив, германскиот федерализам е вграден во самата уставна архитектура. Шеснаесетте федерални покраини имаат сопствени институции, сопствени надлежности и сопствен политички легитимитет. Федералниот систем предвидува поделба на државната власт, а Бундесратот (Федералниот совет) овозможува сојузните покраини да учествуваат во донесувањето на федералните закони (федералното законодавство), што е важен механизам за спречување еднострана концентрација на моќта во Берлин.
Тоа е еден суштински однос во политичкиот систем каде што може да постои силен центар, но без центарот да биде единствениот носител на политичката моќ. И токму оваа логика би можело да биде релевантна за преструктурирањето на Европа.
Зошто Брисел би морал да биде посилен затоа што Европа мора да биде пообединета? Зошто интеграцијата автоматски би значела концентрација? Зошто европското ниво не би можело да биде само еден од повеќе центри на одлучување?

2. Франција – држава што се децентрализира, но не се распаѓа

Франција, пак, покажува друга европска формула. Таа останува „неделива“ република, но нејзиниот Устав експлицитно определува дека организацијата на Републиката е децентрализирана. Францускиот пример е особено важен затоа што покажува дека децентрализацијата не мора да значи слабеење на државата. Напротив, целта е одлуката да се приближи до граѓанинот. И тука има една европска паралела што не треба да се игнорира, како пример.
Имено, ако Франција може да ја децентрализира власта без да ја укине државата, зошто европската интеграција би морала да оди во спротивна насока — кон поголема концентрација на надлежности во еден центар?
Дури и француската дебата денес повторно се занимава со прашањата на распределба на надлежностите, локалната автономија и приближувањето на одлучувањето до териториите.

Суверенизмот се враќа во радарот на европскиот политички дискурс

Паралелно со европскиот интегративно-централизирачки проект расте и политичкиот одговор од другата страна: суверенизмот.
Во Германија, АфД сè поотворено говори за трансформација на ЕУ во полабава заедница на суверени држави и бара враќање на одредени надлежности на национално ниво. Во Франција, Националниот собир на Марин Ле Пен ја става националната сувереност во центарот на својата политичка понуда и предлага ограничување на некои европски механизми и посилно инсистирање на националниот интерес. Овие партии може да бидат контроверзни, нивните политики може да бидат оспорувани, а нивните решенија да бидат предмет на сериозна критика. Но нивниот политички успех открива нешто многу поважно, а тоа е дека европските граѓани не се откажале од идејата за националниот суверенитет. И тоа е факт што Брисел не може да го реши со уште повеќе централизирани политики.

Европа на крстопат

ЕУ засега се гледа во две сценарија со две можни иднини.
Едното е Европа како политичка пирамида. Брисел на врвот, националните влади под него, регионите под националните влади, а граѓанинот на дното.
Другото е Европа како мрежа. Брисел за заедничките европски прашања, државите членки за националните прашања, а регионите за регионалните и општините за локалните.
И граѓанинот што е можно поблиску до местото каде што се носи одлуката. Втората Европа е посложена. Но можеби токму затоа е подемократска.

Каков поглед има од Македонија кон ЕУ?

Македонија како мала држава со релативно мал демографски и економски потенцијал не може да си дозволи да влезе во европската интеграција без јасна претстава кои надлежности ги споделува, кои ги задржува и кои механизми ја штитат од надгласување и политичка маргинализација. Скопје си дозволи веќе такви „луксузи“ во претпристапниот процес, каде што и со своја согласност жртвуваше дел од виталните делови на македонскиот политички организам. Таа катастрофа не смее да се повтори. Напротив. Треба долгорочно да се работи на „враќање во поранешната состојба“, па дури и по цена интеграцијата во ЕУ да се одолжи. Нашиот проблем не е Европа. Нашиот проблем е Брисел во кој малите држави формално имаат суверенитет, но практично немаат доволно политичка тежина да ги заштитат своите витални интереси.
Затоа Македонија треба да биде проевропска, но не и некритична. Да биде за европска интеграција, но и за европска децентрализација. За заеднички пазар, но и за национална економска отпорност. За европска безбедност, но и за демократска контрола врз безбедносните политики. За отворени граници, но и за почитување на политичките граници на суверените држави.
Грешка би било Европа да се претстави како избор меѓу две крајности – или централизирана ЕУ или изолационистички национални држави. Постои и трета можност. Европа на суверени држави што соработуваат. Европа со заеднички институции, но со јасни граници на нивната моќ. Европа во која Брисел не е „главен град што управува со преостанатите“, туку заедничка институционална платформа. Европа во која Германија, Франција, Македонија и сите други држави не мора да бидат еднакви по големина за да бидат еднакви по достоинство. Тоа е суштината на европскиот политички компромис. Затоа вистинската европска битка на XXI век можеби нема да биде битка меѓу Европа и национализмот. Ќе биде битка за тоа каде ќе биде центарот на политичката моќ.
А за Македонија одговорот мора да биде јасен: Да влеземе во Европа, но не да исчезнеме во неа. Да бидеме дел од заедницата, но да останеме политички субјект. Да ги отвориме границите, но да не го затвориме суверенитетот во архивите на историјата. Зашто Европа ќе биде демократска само ако нејзината моќ се споделува. Ако само се концентрира, тогаш нема да добиеме „една Европа“. Ќе добиеме еден центар и многу периферии. И токму за тоа денес треба да се води европската дебата. Н.М.