Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Даниела Цветковска, спец. невролог

Главоболките се застапени кај 50% од светската популација, од кои 30% се мигренозни главоболки.

Мигрената не е обична главоболка. Таа предизвикува многу силна болка, најчесто во пределот на слепоочниците, челото и очите, која може да трае од неколку часа до неколку дена. Освен тоа, мигрената може да предизвика чувствителност на светлина и звук, вртоглавица, гадење, повраќање или проблеми со видот.

Мигрената претставува хронично невролошко заболување. Болката има унилатерална локализација и се влошува при физичка активност, а придружни симптоми се фотофобија, фонофобија, наузеа, вомитус и кутана алодинија.

Мигренозните главоболки се почести кај жените на возраст од 35 до 45 години.

Мигрената поминува низ неколку стадиуми:

– Продромален стадиум – се јавува еден до два дена пред појавата на главоболката, со промени во расположението и констипација.
– Аура – ѝ претходи на мигренозната главоболка и трае од неколку минути до 60 минути. Се манифестира со светкање пред очите, парестезии, пречки во говорот и зуење во ушите.
– Мигренозен напад.
– Постдромален стадиум – проследен е со малаксаност, а на крајот доаѓа до нормализирање на симптомите.

Најчестите причини се генетските фактори и влијанието на околината.

Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата, биохемиските анализи, КТМ и МРИ.

Терапијата вклучува промена на начинот на живеење. Специфични агенси за мигрена се триптаните, ерготаминските деривати, гепантите и ласмидитанот. Неспецифичната терапија вклучува НСАИЛ, комбинација од аналгетици, комбинација од витамини од Б-комплексот – Б1, Б6 и Б12, кога мигрената е асоцирана со дефицит на овие витамини, и неврофармаколошки процедури.

Избегнувајте ја храната што предизвикува мигрена.Ако веќе сте воделе дневник, можете точно да утврдите која храна предизвикува мигрена кај вас. Еве кои продукти се најчесто поврзани со појавата на мигрена: чоколадо, црвено вино, пиво, старо сирење, авокадо, презреана банана, јаткасти плодови, семиња, свинско месо или месо од срна, соја и храна од соја, особено сос од соја. Со појавата на мигрена е поврзана и прекумерната консумација на кофеин.

Хранете се редовно.Не ги прескокнувајте оброците и обидете се да се храните во исто време секој ден. Не практикувајте строги диети или небалансирана исхрана.

Спијте редовно, по 7–8 часа. Ако спиете премногу или премалку, ги зголемувате шансите за појава на мигрена. Затоа, наместете го будилникот да ве разбуди 7–8 часа по легнувањето. Исто така, многу е важно да спиете во темна соба.

Вежбајте, но не претерувајте. Редовната физичка активност го намалува бројот на главоболки и интензитетот на болката. Сепак, не треба да претерувате и да го форсирате своето тело, затоа што интензивната физичка активност може да предизвика мигрена.

Носете очила за сонце. Без разлика дали е лето или зима, препорачливо е да носите поларизирани очила за сонце. Одблесоците на сончевата светлина од вода, метал, стакло или снег може да бидат причинители на главоболка.

Одете на масажа. Иако масажата директно не е поврзана со мигрената, таа ги опушта мускулите и ги спречува главоболките предизвикани од мускулна напнатост.

Кога мигрената ќе нападне…

– Легнете во темна соба. Релаксирајте се во тивка и темна соба. Би било добро ако можете да заспиете.
– Ставајте топли или ладни облоги. Топлите облоги на главата и вратот ќе ви ги релаксираат мускулите. Од друга страна, ладните облоги со мраз го здрвуваат местото и ја намалуваат болката.
– Масирајте ги областите каде што чувствувате болка. Нежно притискајте ги болните места и масирајте ги. Побарајте некој да ви ги масира рамената и вратот за да се намали напнатоста.
– Напијте се 1–2 кафиња или друг пијалак со кофеин. Кофеинот во мали количини може да ви помогне кога имате мигрена. Но никако не консумирајте 4–5 кафиња, затоа што тоа само ќе ви ја влоши состојбата.
– Користете есенцијални масла. Мирисањето на есенцијални масла или премачкувањето со нив ќе ви помогне да се релаксирате. Особено препорачливи се маслата од лаванда, ѓумбир или пеперминт. Тие помагаат за олеснување на болката.

И најважно од сè – релаксирајте се. Минимизирајте го стресот, затоа што тој се смета за причинител број еден на мигрена.