Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје од денеска до 16 октомври ќе ги организира 11. Отворени денови, во чии рамки ќе бидат одбележани значајни јубилеи од македонската јазична и книжевна историја.
Меѓу јубилеите што ќе бидат одбележани се 1.110 години од упокојувањето на Климент Охридски и 1.140 години од основањето на Охридската книжевна школа, како и 100 години од упокојувањето на Крсте Мисирков.
Во рамки на манифестацијата ќе бидат одбележани и 90 години од раѓањето на Коста Пеев, како и 80 години од раѓањето на Марија Коробар-Белчева, Димка Митева, Маријана Киш и Кита Бицевска.
Отворањето на 11. Отворени денови е најавено со поздравни обраќања на претседателот на Собранието, Африм Гаши, проректорот за меѓународна соработка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Иван Чорбев, францускиот амбасадор во земјава, Кристоф ле Риголер, и директорката на Институтот, Елена Јованова-Грујовска.
Манифестацијата е дел од активностите на Институтот за афирмација на македонскиот јазик и на научното наследство на македонските лингвисти, како и за поттикнување на интересот за истражување, проучување и зачувување на јазикот.
Отворени денови ќе траат до 16 октомври.


































