Илустрација: „Нова Македонија“

Геополитички потреси и сценарија за иднината

  • Во периодот кога Трамп и Путин склучија договор за дизелот, низ Европа се слушаат трубите за војување. Бриселски неолиберални стратези иднината на континентот ја гледаат во некакво млако руско-украинско примирје и долгорочно „контролиран неред“ во односите со Русија. Тоа значи нова безбедносна архитектура во Европа, но и нов ѕид кон Русија. За Македонија опасноста се вика таа да остане во некоја нова чекалница во Брисел, а тоа ќе значи земјата да биде во геополитички санитарен коридор. Што би значело тоа?

Во геополитичките потреси, кои пред нас се случуваат како на филмска лента, еден телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин ни покажа дека големите светски сили кога треба играат според старите правила на дипломатијата. Тоа би гласело – подобро е да најдеме заеднички интерес отколку директно да се конфронтираме.
Договорот меѓу Белата куќа и Кремљ за испорака на руски дизел „под итно“ за американскиот пазар е токму тоа. Но не е само оваа порака важна за анализа. Не помалку е важна пораката од Трамп до Украина дека е дојдено време Украинците да изберат нов лидер. Дали е ова најава за крај на кариерата на Володимир Зеленски? Некои токму така ја прочитаа, и тоа во врвни западни медиуми.
Можно е да имаат повеќе информации од нас, но пораката е толку директна и јасна што не остава многу дилеми. Во овој разговор е постигнато нешто што се вика „дизел-примирје“ меѓу Украина и Русија, што значи тие не би требало да напаѓаат нафтени постројки. Америка со Трамп размислува практично – ако влезе во криза индустријата на најголемите пазари, каков што е американскиот, тогаш и светот ќе влезе во криза. Тоа би било премногу.
А што се случува со Европската Унија?
Кај нас, на македонските радари топ тема е планот за проширување, кој се очекува наскоро да се отвори, но светот гледа поинаку. На Европа гледа многу подлабоко затоа што во неколку земји состојбите не се добри, а ниту јавниот ред гарантира сигурност.

По мигрантскиот десант на Шпанија, а тоа значи и на ЕУ, се случуваат улични безредија и во делови на Обединетото Кралство, Германија, но најзафатена е Франција, а сега и Белгија. Оние протести што ги прекина пандемијата со ковидот на „жолтите елеци“ сега како да добиваат ново продолжение, овој пат на учениците. Тие бараат подобар стандард, подобри услови, нешто дури и што мислевме дека не е проблем во една Франција – доволно училници, но и климатизери. Франција немала климатизери во сите училишта?!
Овие протести имаат и друго лице, исто како што беше и со „жолтите елеци“, па се спомнува дека тие се оркестрирани, но други велат дека ученичките протести се легитимни и автентични, ама некој им уфрла елементи што прават безредија и буквално ги пеплосуваат училиштата. Како и да се земе, ситуацијата не е добра, особено што Франција е во политичка нервоза заради претседателските избори наредната година. Според сегашните анкети, се очекува убедлива победа на десничарката Марин Ле Пен, со што Франција би доживеала историски пресврт. А, како што рековме, ни се случуваат геополитички потреси и затоа и такво сценарио е можно. Можно е и во Германија, каде што АфД галопира кон Берлин.
За случувањата во Шпанија, Франција и во Белгија постојат некои анализи што наведуваат на можно креирано сценарио од извесни левичарски средини, но за тоа засега нема ниту докази ниту некаква потврда. Тие анализи ќе ги земеме во моментов во доменот на теорија на заговор, но ќе посочиме дека анализите потсетуваат на средбата на прогресивната левица во април годинава во Барселона на која се зборувало за стратегии против растот на крајната десница. Еден од главните ликови на таа средба е Александар Сорос со неговото „Отворено општество“. Настаните што по април се случуваат во делови на Европа се или преголема коинциденција или навистина има некој оган каде што извесни аналитичари виделе чад.
На овие случувања ќе се навраќаме со наши анализи, но на нашите редакциски радари е секако и повлекувањето на американските бомбардери од клучна база во Обединетото Кралство откако Лондон не му даде на Вашингтон кредибилни информации кој ја загрозил безбедносно таа база?! За Белата куќа опасноста се вика – Иран.

Во оваа анализа фокусот го ставаме на еден вреден документ, кој заслужува посебно внимание. Станува збор за една анализа со препораки, а всушност наликува и на симулација на настани подготвена од неолиберални (левичарски) експерти за Европскиот совет за надворешни односи во јули годинава. Значи, не е најнов документ, но по својата провокативност и поради тимот што стои зад него, вреди да го спомнеме. Вреди и затоа што се случи овој дизел-договор меѓу двајца од тројцата најмоќни лидери – Путин и Трамп, со можност дека е можно Москва да имала консултации со кинескиот лидер Си Џинпинг.
Лидер на тимот е Џереми Шапиро (познато име), како и еден наш познат аналитичар, Бугаринот Иван Крастев. Анализата е насловена „Контролиран неред: Тежок пат до умерен мир со Русија по Украина“. Дали овој експертски патоказ за Брисел ќе биде прифатлив и ќе доживее своја операционализација е многу неизвесно. Првин затоа што плановите во некои европски центри не се вклопуваат со ова сценарио на експертите, но многу работи зависат и од други големи актери како што е пред сѐ Русија, а потоа и Кина и САД. Тоа се наведува во анализата, но самиот наслов укажува на тоа дека Европа размислува да изгради заштитен ѕид кон Русија и идните односи со Москва ги гледа со голема недоверба. На Европа ѝ требаа повеќе од 20 години да изгради свој систем на балансирање на моќта на европска почва под чадорот на КЕБС, а подоцна ОБСЕ. Тој систем е веќе урнат со украинската криза од 2014 година, па до ден-денес.
Аналитичарите тргнуваат од можноста во 2027 година да се постигне примирје меѓу Русија и Украина и од таа точка се разгледуваат идните односи на идна, нова ЕУ, најверојатно проширена со нови членки, со Русија. Очигледно е дека во сценариото не се зборува за некаков траен или цврст мир, туку за примирје. Таквата состојба ќе наметне „отворена и хаотична конфронтација меѓу Русија, Европа и Америка, при што најголемиот товар ќе го носи Европа… особено ако конфликтот повторно ескалира“. Во едно такво сценарио се размислува во насока Европа и Америка да се стремат кон создавање „контролиран неред“. Преведено со медицинска терминологија тоа би значело дека пациентот е болен, но болеста ќе се контролира со лекови. Дали е ова одржливо во меѓународните односи, особено во период кога светот брзо ќе се менува, е големото прашање, но не помало е зошто и до кога Европа ќе размислува својата иднина да ја гради без соодветни односи со Русија. И овие планови се прават за Брисел кога се знае дека Европа во стратегиите на Вашингтон е дури на четвртото место како приоритет.

И оваа експертска анализа е порака и до Македонија, особено во доменот на нејзиното стратегиско планирање. Јасно е дека многу нешта се нејасни, а тоа налага голема мобилизација на општеството. Тоа се однесува и на планот за проширување, кој е можно да отвори само нови Пандорини кутии наместо да се држи стриктно до Копенхашките критериуми. Опасноста за Македонија е таа да остане во некоја сега нова и помодерна чекалница во Брисел, но и да биде практично оставена во геополитички санитарен коридор, што значи голема неизвесност. Затоа што ако се случи некаков нов бран на проширување без Македонија, тој ќе биде само и само како геополитички проект. Исто како што се направи тоа со НАТО. Дали тоа значи дека од Македонија ќе се бараат дополнителни жртви и колку се опасни тие за националните интереси на земјата?


Клучни столбови на рамката

Разграничување на военото присуство: Воспоставување јасни ограничувања за бројноста на силите, механизми за верификација и одржување растојание од линиите на контакт со цел да се намалат случајните судири.
Сегментирана соработка: Одржување отворени функционални, неполитички канали за комуникација во критични или заеднички области, како што се нуклеарната безбедност, Арктикот и делови од Црно Море.
Условни и реверзибилни санкции: Условување на економското или дипломатското олеснување исклучиво со конкретни постапки на Русија, што значи дека санкциите можат веднаш повторно да се воведат доколку се прекршат условите.
Постепено управување со ескалацијата: Користење директни линии за комуникација во кризни ситуации, прагови за хибридни активности и арбитража за имот или граници во текот на повеќегодишен период (од 0 до над 10 години).


Клучни актери и улоги

Европа: Ја предводи регионалната безбедносна архитектура преку јадро од земји, поддржувајќи ја Украина преку интеграција во ЕУ и одбранбена помош.
САД: Обезбедуваат поширока стратешка и нуклеарна поддршка, истовремено балансирајќи со други глобални приоритети.
Украина: Ги одржува одбранбените капацитети и суверената ориентација, додека се справува со суровата реалност на нецелосно територијално решение.
Трети страни (Кина и Турција): Дејствуваат како надворешни фактори за балансирање или ограничување, помагајќи да се спречи директна ескалација меѓу Москва и Западот.