Автор: д-р Љубица Илиевска
Анемијата е една од најчестите патолошки состојби кај луѓето. Таа се дефинира како пад на концентрацијата на хемоглобинот и еритроцитите, што води до намалување на капацитетот на крвта за транспорт на кислород до ткивата во организмот. Луѓето можат да се соочат со оваа состојба во кој било период од својот живот, независно од полот, расата и етничката припадност. Причините и поделбите се многубројни, но заедничко е нејзиното влијание врз целокупното здравје и секојдневното функционирање.
Добрата вест е дека може успешно да се превенира и да се лекува!
Причини и класификација
Анемијата може да се класифицира според патофизиолошкиот механизам што довел до неа и според морфолошките карактеристики: големината на еритроцитите (микроцитни и макроцитни анемии) и количината на хемоглобин (нормохромни и хипохромни анемии).
Трите главни причини за настанување анемија се:
1. Недоволно производство на еритроцити. Намаленото производство може да биде последица на недостиг на железо, витамин Б12 или фолна киселина, нарушена функција на коскената срцевина или хронични заболувања.
2. Зголемена деструкција на еритроцитите. Овој процес, наречен хемолиза, настанува поради бројни наследни или стекнати состојби, како инфекции (маларија), српеста анемија, таласемии, пароксизмална ноќна хемоглобинурија, имуни хемолитички анемии и други.
3. Зголемена загуба на крв. Се јавува при различни акутни и хронични состојби, како обилни менструални крварења, крварења од гастроинтестиналниот тракт, желудочен улкус, карциноми, тешки повреди и други.
Во светски рамки, 30–50% од анемиите се должат на дефицит на железо. Главните фактори на ризик се намален внес преку храната, намалена апсорпција и зголемени потреби за железо.
Намалената апсорпција може да се јави при состојби како целијакија, воспалителни цревни заболувања (улцеративен колитис и Кронова болест), атрофичен гастритис, состојби по баријатриска хирургија и други состојби со малапсорпција. Зголемени потреби за железо имаат бремените жени и децата во периодот на раст.
Околу 20% од жените со активен менструален циклус имаат феродефицитна анемија во одредена фаза од својот репродуктивен период.
Улогата на железото
Железото има централна улога во синтезата на хемоглобинот и во транспортот на кислород. Во организмот се наоѓа главно во хемоглобинот, миоглобинот и ензимите, додека феритинот и хемосидеринот претставуваат главни депоа.
Железото во исхраната се наоѓа во хемска и нехемска форма. Хемското железо, присутно главно во месото, рибата и живината, има повисока и релативно стабилна биорасположивост. Нехемското железо, застапено претежно во растителната храна, се апсорбира во помала и варијабилна мера, а неговата апсорпција значително зависи од составот на оброкот. Аскорбинската киселина (витамин Ц) ја подобрува апсорпцијата на нехемското железо, додека фитатите и полифенолите ја намалуваат.
Симптоми и поставување дијагноза
„Често чувствувам замор, вртоглавица и главоболка. Срцето ми работи забрзано, немам концентрација. Чувствувам студ, рацете и нозете ми се ладни, имам немир во нозете, а ноктите ми се кршливи“. Ова е еден од најчестите искази на пациентите што страдаат од анемија. Покрај овие основни симптоми, постојат и специфични симптоми поврзани со причината што довела до анемија.
Недостигот на железо може да постои и пред развојот на анемијата. Затоа е многу важно навремено да се препознаат намалените депоа на железо и да се превенира клинички манифестна анемија.
Кај овие пациенти се јавуваат замор и малаксаност, поради кои не можат да ги изведуваат вообичаените секојдневни активности, неправилен пулс, болка во градите, намалена концентрација, вртоглавица и зашеметеност, главоболки, глад за воздух и синдром на немирни нозе.
Нетолеранција на студ се развива кај една петтина од пациентите со хронична анемија со дефицит на железо. Таа се манифестира со вазомоторни нарушувања, невролошка болка или вкочанетост и пецкање, зависно од тежината на анемијата.
Поставувањето на дијагнозата започнува со детална анамнеза и процена на симптомите што би нè насочиле кон лабораториски испитувања за нејзино потврдување. Тие вклучуваат концентрација на хемоглобин, број на еритроцити, MCV, MCH, концентрација на феритин и трансферин и TIBC.
Феритинот претставува најкорисен маркер на депоата на железо кај лица без активна воспалителна состојба.
Третман
Третманот на овој тип анемија треба да се заснова на два паралелни принципи:
1. Надоместување на железото.
2. Идентификување и лекување на причината за дефицитот на железо.
Оралното железо останува прва линија на третман кај најголем број пациенти. Изборот на формулацијата треба да биде индивидуализиран и да ги земе предвид дозата на елементарно железо, гастроинтестиналната толеранција, придржувањето кон терапијата, причината за дефицитот и очекуваниот терапевтски одговор.
Класичните соли на железо остануваат важна терапевтска опција поради нивната ефикасност, достапност и ниска цена. Еден од најголемите проблеми при оралната супституција со железо се гастроинтестиналните несакани ефекти: гадење, абдоминална болка, констипација, дијареја и метален вкус.
Комбинираните формулации со хемско и нехемско железо претставуваат интересна дополнителна опција, одлично прифатена кај трудници, адолесценти и пациенти со желудочни проблеми. Препарат со нешто помала количина на елементарно железо, но со подобра толеранција и поголемо придржување кон терапијата, може да резултира со подобар реален терапевтски ефект отколку препарат со висока номинална доза чија употреба пациентот често ја прекинува.
Хемското железо од месото и рибата ја подобрува апсорпцијата на нехемското железо во просек за 2,6 пати. Оваа комбинација претставува „нежен“ додаток на железо, без несакани ефекти и гастрични тегоби.
Најважно е што успешниот третман на железодефицитната анемија не подразбира само корекција на хемоглобинот, туку и надополнување на депоата на железо, како и откривање и лекување на основната причина за дефицитот.


































