Продолжуваме на темата „Храна. Село. Антропологија“, драг читателу. Во претходниот дел наш есенцијален заклучок беше дека Македонија нема суверенитет на храна. Кај нас главно кога се зборува за суверенитет се говори за етничка хармонија, која, да не се лажеме, ја нема кај нас од моментот кога Брисел и Вашингтон, кои ја фингираа терористичката 2001, ни ги поставија терористите во владата и парламентот. Да не се правиме наивни и будали. Тука е апсолутно дефицитарен македонскиот национален (престорен во граѓански безличен) суверенитет. Има многу примери. Па, не видовме ли како него го растураше вдолж и попреку, гонејќи ги и страшните Руси од Македонија, тој за Македонците екстремно несреќен министер Бујар Османи. Итн.
Но да не искокнуваме со такви несреќни дигресии надвор од нашата тема. Тоа е темата на храната како суверенитет на еден народ А дека ние тука го имаме суверенитетот е и податокот дека Македонија годишно троши повеќе од една милијарда евра за увоз на храна и во многу случаи катастрофално неквалитетна, во која краставиците увезени со тони од Албанија скапуваат ако веднаш не направиш салата утредента. Така. А Македонија каква што ја дал Господ убава и плодна наместо да троши една, и повеќе, милијарда за увоз, може со планирано производство на храна да заработува најмалку две милијарди и да биде тука не во дефицит туку во висок суфицит. Проблемот на дефицитот на храна кај нас е многу сложен. Тој дефицит кај нас од 1990 наваму е резултат на катастрофично креираната и до коска партиска и политичка структура, која е виновна за колабирањето на целокупната наша економија, особено за колабирањето до смртна постела на аграрот и селото, кои се единствениот од Господ даден извор за храна.
Така, туку тука со нашата така поставена тема јас навратив кон Адам Смит (1723 – 1790), на кој ме наведе Филип, претставник на англиската класична политичка економија. Тој уште во осумнаесеттиот век со авангардна економска мисла како претходник на економскиот систем на Марс ја развива акрибично теоријата на работната вредност според која вредноста на производот се одредува според количество на потрошениот, односно на потребниот труд да се произведе тој: Смит, изразит претставник на економскиот либерализам и противник на меркантилизмот, а потоа и луциден дијагностичар на некои важни феномени, кој вели дека во етиката владее алтруизмот, а во економијата егоизмот. А има и некои интересни со метафизички, мистичен мирис во врска со храната достојни и на имагинацијата еден поет. Интуиции. Таква е неговата индивидуална интуитивна согледба за тоа дека храната со компир влијае на убавината на личноста, па затоа, според него, ирските девојки и жени се најубавите во Англија, оти во нивната Ирска се раѓа најмногу компир, кој е доминантна храна на населението. Како гравчето кај Македонците, но не помалку и компирот, кој е толку многу порано произведуван во мојата родна Малешевија колку да ја храни цела Македонија и да ги разубавува, како што би рекол Адам Смит, македонските жени, кои секако не отстапуваат во убавина од ирските. Некоја чудна аналогна врска, метафизичка во основа, меѓу Ирците и Македонците како во убавината, исто така и во трагедијата, оти не знам, драг читателу, дали знаеш дека по судењето на американските злосторства во Виетнам Раселовиот суд, со кој претседаваше Сартр, второто судење почна со, според него, најголемиот геноцид во Европа спроведуван посебно во дваесеттиот век над Македонците и Ирците. Ама тој суд, дали и поради смртта на некои негови промотори, наскоро се угаси, а нашите мрзливи тесно специјализирани историчари (некој за заб, некој за прст итн.) не се заинтересираа за тоа. Ни нашите силни академици од „прославената“ МАНУ, иако, познато е, еминентниот член на тој суд словенечкиот филозоф Владимир Дедијер и лично бил тука да собира некои важни информации за геноцидот над Македонците. И тоа се вика македонска интелектуална трагедија. А има некои индиции и дека претставници на ВМРО престојувале во Ирска, кај ирските комити, да ги обучуваат во уметноста на тероризмот како единствен начин за нивна одбрана од агресивните Англосаксонци, кои, бескрајно сурови, ги масакрираа и Индијанците во Северна Америка (15 милиони) и Абориџините во Австралија и Нов Зеланд, па и македонските деца со напалм-бомби 1948 во Егејска (Беломорска) Македонија, а нашата влада, ете, зема токму од нив за да ја дозголеми нашата мемориска болка шест милијарди евра заем со капиталистичка камата, а мислам дека Кина ќе ни дадеше и 60 милијарди, без или со безначајна минимална камата. Но…
Да. Навистина признавам предолга дигресија, драг читателу, која како и секогаш изгледа дека е надвор, ама кружи, како електроните околу јадрото на атомот, околу нејзиниот центар. Што вели Исус: кој има око ќе види, кој има уши ќе чуе. А ние не сме го изгубиле сè уште од видното поле Адам Смит, без кого Маркс немаше да постои, неговото откровенско откритие (есенцијална тавтологија) уште во 18 век далеку пред Маркс, неговиот златен закон за праведниот економски просперитет и раст на еден народ, но и на светот во целина, а тоа е вредноста на цената на еден производ произведен не со радост, но и со мака да се мери според количината на вложениот труд во него. Да. Ама тоа во корпоративниот свет на либералниот, лажен по однос на економските и човечките слободи, не важи. И кај нас, според образецот на западниот корпотативизам или поарно економски канибализам, цените на тој што произведува ги диктира сатаната на силниот, на механизмот на малцинството богаташи заштитени од корпоративната држава, над мнозинството работници, класата денес фрлена на ѓубриште, а што ги храни големите незаситни црева на богатите.
Тоа е тоа. Но да се вратиме по овие неопходни и болни дигресии на поставената тема на колумната: „Храна, село, антропологија“. А тоа е врзивна синергетска линија. Проткајување и надополнување. А селото тука е сè, и храна и антропологија. Македонските села од 1990 наваму, колку што беа сѐ уште живи, ги запусти партизацијата, односно политиката на полнење на институциите и канцелариите со партиска бирократија што служи како гласачка машинерија за избори. Едната партија од двете македонски (да не зборуваме за албанските што работат по истиот модел) кога ќе дојде на власт полни, другата потоа исто така, и сè уште на таа патолошка политичка аномалија не ѝ се гледа крајот. А селата останаа запустени и пусти, основниот извор не само за нас туку секаде во светот на храна и антропологија. Ова последното гледам, драг читателу, те буни и ти изгледа нејасно. Антропологијата буквално значи наука за човекот, но со едно есенцијално допрецизирање: наука за душата на еден колектив, која по генетска линија на шифрата ја наследува секоја нејзина генерација и индивидуа. Така, тоа е всушност личната карта на душата на еден народ и нација по која се препознава тој меѓу другите народи.
Космополитизмот и гостопримството меѓу другото се меѓу најзначајните шифри на македонската колективна душа за разлика, на пример, од ариевскиот егоизам на богатите западни нации со колонијалистички менталитет, за што убаво говори и Иво Андриќ, или за нивната ксенофобија кон странците, која жестоко во една своја драма ја критикува Шекспир. Итн. Но и тоа спаѓа во антропологија, која е посебно важна за еден народ ако сликата на неговата душа е широка, гостопримлива, макар била таа и меланхолична, како што е тоа посебно карактеристично и на расно ниво за словенската душа.
Така, драг читателу, и токму затоа смртта на селото е антрополошка катастрофа за еден народ. Длабокоумните луѓе од еден колектив го сфаќаат тоа и алармираат. Во таа смисла убаво се сеќавам и на едно интервју на Солженицин кога се врати од американскиот егзил по падот на советскиот тоталитаризам во родната Русија. Меѓу другото во него тој рече дека за Русија е најважно да се сочува во здрава витална состојба руското село, имено, како архетипска изворна слика на руската душа. За нас, драг читателу, тоа е исто толку важно колку и за Русите, ама работата е во тоа што ние не го знаеме тоа, дури и некои, меѓу нас, селани што дошле во нашиот сирот велеград Скопје и дотерале до академици. Во таа смисла јас бев вчудовиден од изјавата на мојот пријател од Жван, Божин Павловски, во едно негово интервју за Скопје во кое тој, на прашањето дали тоа треба да се шири или не, рече дека тоа треба секогаш да биде отворен град со широка прегратка за дојденци од македонските региони веројатно, ама не знам дали тој го имаше предвид и модерниот факт дека таа проклета отвореност, некритичка и политичко бирократска ги испразни македонските села, некои до последниот селанец, а сега е отворена широко и кон Косоварите од север со кои немаме никаква граница како село без кучиња. Итн. А, во тој контекст, зарем се и зарем беа глупави Словенциве што нивната убавица Емона (Љубљана) ја прогласија за строго контролиран за влез град (за да не биде забранет) и така ги сочуваа нивните прекрасни села. И во контекст на нашата тема ја заштитија нивната антропологија, знаците на словенечката колективна душа. Сум бил и таму, како поет и нивен стипендијант за усовршување на нивниот прекрасен јазик, многупати и го имам видено и почувствувано тоа. Словенците имаат изострен, длабок усет и антрополошка свест за разлика од нас. Ние воопшто, ни индивидуално ни институционално не бевме, а сега и воопшто не сме свесни за антрополошката катастрофа што нè снајде со губењето на селото.
Во нашите институции лингвистички, социолошки и други тие што мавтаат со своите докторски титули воопшто не го сетија звукот на таа катастрофа. Воопшто немаа свест за битното, а имено дека со заминувањето од некое запустено село, на некој селанец во гроб се однесува едно цело антрополошко богатство од јазик, фолклор, обичаи и друго со себе. Имено, и затоа некои од нашите докторски институционални лингвисти го бранат македонскиот од македонскиот (бугарскиот) јазик, иако, како што им е тоа познато и на Андре Вајан и други светски знаменити лингвисти, бугарскиот е дијалект на македонскиот, а не обратно, и иако тие институционални лингвистички официози никогаш не помислиле дека големиот Блаже Конески (наречен од еден политички идиот „џуџе“) не е првиот кодификатор на македонскиот јазик, туку дека се тоа пред еден и кусур милениум космички осветлени солунските браќа Кирил и Методиј со нивниот брилијантен превод на македонски јазик на Библијата. Тоа и така, па затоа и бев шокиран од една докторска лингвистка, која македонскиот јазик на овие страници на овој весник го бранеше од бугарскиот (а јас велам од македонскиот) јазик со една катастрофално шуплива теза базирана на суфиксите што ја одредуваат просторноста на предметите, односно именките, како што се тоа: та, ва, на: вратата, вратава, вратана. Итн. Во ред, и главна теза на нашата докторка лингвистичарка ѝ беше во нејзината експертиза на неколку куси странички дека во бугарскиот јазик (дијалект на македонскиот – м.з.) таа просторна определба на предметот кај нас, најтешка за странците што го изучуваат македонскиот, ја нема кај Бугарите. Демек тие не се толку многу јазички рафинирани, импресионисти, во јазичните варијанти како ние. А тоа е тотално погрешно и промашено од страна на велеучената лингвистка. Нејзиното колосално промашување се состои во тоа што таа нејзина (хипо)теза ја базирала на нашата литерарна официјална јазична норма, како што знаеме наслонета на западните македонски дијалекти, битолскиот, прилепскиот… итн., ама македонскиот јазик има и источни (од мојата родна Малешевија до Пирин, Банско и понатаму) и јужни до Воден, Костурско… Не ги познавам јужните егејски дијалекти, но добро ги познавам источните малешевско-пирински, кои сум ги вцицал со мајчиното млеко. Во нив го нема тоа фино импресионистичко просторно одредување на предметот: та, ва, на. Има само: та. Има на пример, само чашата, но не и чашава и чашана, па сепак тој златен говор на мојата детска душа на кој пораснав не е бугарски само затоа што според учената лингвистичарка со она д-р ги нема додатните два члена суфикси: ва и на што го одделуваат македонскиот од бугарскиот јазик. Навистина тажно.
Се извинувам, ова беше предолга дигресија, драг читателу, но и таа се вклопува во нашата колективна душа, која антрополошки се напојува исклучиво од изворот на селото (тоа е секаде во светот така), драг читателу, е неопфатна како море без брегови. Таа не е завршена со оваа колумна, оти таа заслужува дебели томови. Цепенков и Шапкарев го знаеле тоа. И во некоја друга или во мала серија на колумни ќе се занимавам со неа. Важно е тоа за нашата меморија, која со Преспанскиот договор е задавена и без капка воздух, погребана и од некои наши политички идиоти бескрајно длабоко под земја. Ама изворот, драг читателу, што извира од таква антрополошка длабочина е енергетски најсилен. А неговиот глас ќе се јави. Тоа е повеќе од сигурно, за што сведочи и гласот на Исус Христос, кој го прати неговиот најревносен апостол Павле во Македонија за од неа да ја испрати Радосната вест кон крвожедно паганската Европа, иако залудно. Сепак Рацин ја прочита шифрата: рече „Силно светнал ден“ и „Цел свет куќа братска ми е“. И тоа е утопизам посилен и од оној на Достоевски: „Убавината ќе го спаси светот“, а мислеше православна Русија, чија православна светлина и дојде, имено, од Македонија. Новиот руски амбасадор, на кој му се мршти нашата какофонична граѓанска и по етничка линија кантонирана влада, јасно и достоинствено без рускиот царски комплекс го кажа тоа.
































