Фото: МИА

На отворањето на конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“ во Скопје, министерот за надворешни работи порача дека европската перспектива на регионот е од стратешко значење и за самата Европска Унија.

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан не е само инвестиција во стабилноста на регионот, туку и стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа, порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Муцунски ова го истакна на отворањето на конференцијата „Европски дијалози, европско наследство и иднина“, која од вечерва до 2 октомври се одржува во Скопје.

Според него, членството во ЕУ останува стратешка определба на Македонија, но пристапниот процес треба пред сè да придонесе за подобрување на институциите и создавање нови можности за граѓаните.

 – Пристапниот процес треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне нашите институции и да создаде повеќе можности за нашите граѓани. Тој не треба да го трансформира нашиот национален идентитет – порача Муцунски.

Тој нагласи дека европската перспектива треба да остане кредибилна, предвидлива и заснована на заслуги, при што напредокот на земјите кандидати треба да зависи од спроведувањето на реформите и исполнувањето на европските критериуми.

Францускиот амбасадор во Македонија, Кристоф Ле Риголер, посочи дека „Европските дијалози“ се организираат од 2023 година во различни европски градови со цел да се поттикне дебата за иднината на Европа и европскиот проект.

Говорејќи за темата на годинашното издание – „Наследство и европска иднина“ – Ле Риголер истакна дека историјата и иднината се неразделно поврзани.

Тој посочи дека конференцијата во Скопје е завршен настан од програмата „Споделени хоризонти“, иницирана од Франција во 2024 година со цел поттикнување дијалог за историските сеќавања и создавање заеднички европски перспективи на Западен Балкан.

Според францускиот амбасадор, Европа не се гради само преку институции и политики, туку и преку споделени искуства, идеи и солидарност.

Тој нагласи дека различните историски наративи треба да бидат основа за дијалог, а не за поделби.

 – Европа не почива на бришењето на различностите, туку на капацитетот да живееме заедно и да градиме заедничка рамка во која различноста ќе може да го даде својот целосен придонес – истакна Ле Риголер.

На конференцијата учествуваат повеќе од 70 млади истражувачи, активисти и студенти од Европа и Западен Балкан.

Во наредните денови тие ќе разговараат за заедничкото европско наследство, граѓанските движења и визиите за иднината на Европската Унија.

Конференцијата беше отворена во Музејот на современата уметност во Скопје со изложбата „Солидарноста како иднина“, која дополнително го стави во фокус прашањето за солидарноста, заедништвото и европската иднина.