Фото: Маја Јаневска Илиева

Борбата против недозволената трговија со дрога останува еден од приоритетите на Министерството за внатрешни работи, а во наредниот период фокусот ќе биде ставен не само на заплената на дрогата, туку и на откривањето на лицата, криминалните структури и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пренесе МИА.

Тој говореше на отворањето на обуката за истраги и кривично гонење на кривични дела поврзани со дроги, која се одржува во Полициската академија во Скопје.

Обуката е организирана од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ), со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави, и е дел од проектот за поддршка на спроведувањето на Националната стратегија за дроги.

Целта е унапредување на капацитетите за спроведување сложени истраги преку поврзување на криминалистичките и финансиските истраги, одземање имот и примена на посебни истражни техники.

Тошковски ги посочи резултатите од активностите на МВР во текот на годинава. Како што информираше, годината започнала со откривање на над 10 килограми кокаин, а во една од најголемите акции биле одземени над 40 тони марихуана и канабис-биомаса. Дополнително, биле реализирани повеќе заплени на марихуана, хероин и синтетички дроги, меѓу кои амфетамин, метамфетамин и МДМА.

Според Тошковски, следната фаза во борбата против нарко-криминалот треба да опфати поинтензивно откривање и разбивање на криминалните структури, како и следење на нивната финансиска моќ.

-Нашата цел е овие активности да продолжат со уште поголема ефикасност и да бидат насочени не само кон заплената на дрогата, туку и кон откривање на лицата, структурите и финансиските текови што стојат зад нејзината трговија – порача Тошковски.

Тој нагласи дека за тоа се потребни силна меѓународна соработка, навремена размена на информации и заедничко дејствување.

На полициските службеници и истражители кои ќе ја посетуваат обуката, министерот им порача дека ќе ја имаат целосната поддршка од раководството на МВР во спроведувањето на сложени истраги и кривични постапки поврзани со овој вид криминал.

На отворањето присуствуваа и Каролајн Р. Боденхеген од Бирото за меѓународни прашања поврзани со наркотици и спроведување на законот (ИНЛ) и Данило Рици, регионален претставник на УНОДЦ за Југоисточна Европа.

Тошковски изрази благодарност до САД и УНОДЦ за континуираната поддршка во јакнењето на институционалните и оперативните капацитети на Министерството за внатрешни работи во справувањето со организираниот криминал и трговијата со дрога.