Фото: Фејсбук профил Христијан Мицкоски

Реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје утре ќе биде отворен и повторно ќе ги прими студентите, најави премиерот Христијан Мицкоски. Како што посочи, објектот е реконструиран со цел да обезбеди современи услови за сместување.

Мицкоски најави дека наскоро се очекува да биде отворен и студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје. Двата студентски дома се реконструираа во период од околу две години, во рамки на планот за етапна реконструкција и обновување на сите студентски и ученички домови во државата.

-Многу скоро ќе биде и вториот студентски дом „Кузман“, но исто така и сите студентски и ученички домови ќе бидат и веќе е почнат тој процес на нивна реконструкција и обновување. Нешто што со децении не било направено. Има многу работи коишто треба да се направат. Приоритет по приоритет, еден по еден, тие приоритети ги решаваме – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека во изминатите 26 до 27 месеци Владата инвестирала повеќе од 90 милиони евра во образовната инфраструктура.

Од оваа сума, според Мицкоски, околу половина се директни средства од Министерството за образование и наука наменети за студентските домови.

Дополнително, како што наведе, приближно 45 милиони евра се обезбедени преку програмата за децентрализирање средства од централниот буџет кон општините, за проекти во областа на образованието, вклучително и реконструкција на основни и средни училишта.

-Инвестициите се огромни и тоа претставува приоритет на оваа Влада – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на капиталниот проект на АД ЕСМ за третата фаза од ревитализацијата на хидроелектраните.