Фото: Кабинет на претседател

Европската Унија не може да претендира на поголема глобална геополитичка улога ако не успее стратешки да го интегрира Западен Балкан, порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова во обраќањето на 22. Европски самит во Салцбург.

Говорејќи на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“, Силјановска-Давкова оцени дека проширувањето е едно од клучните прашања преку кое ЕУ го тестира сопствениот стратешки капацитет. Според неа, Унијата има целосна контрола и одлучувачка моќ токму во однос на интеграцијата на Западен Балкан.

Осврнувајќи се на европскиот пат на Македонија, претседателката потсети дека од 35 години независност, 21 година земјата има кандидатски статус за членство во ЕУ. Таа наведе 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, висок степен на усогласеност со европското законодавство и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

 – Ниедна европска држава на својот интегративен пат не понела толку тежок товар: ги променивме државното знаме, уставното име и усвоивме 36 уставни измени, повеќето диктирани од надвор – рече Силјановска-Давкова.

Таа оцени дека условувањето на уставни промени со билатерални историски спорови отвора прашања за доследноста на европските принципи, повикувајќи се на членот 4(2) од Договорот за ЕУ, кој се однесува на еднаквоста на државите и почитувањето на нивните национални идентитети.

Според претседателката, кредибилната перспектива за членство е од суштинско значење за стабилноста на регионот. Таа предупреди дека нејасната европска перспектива може да го забави реформскиот процес и да создаде простор за влијание на трети сили.

Силјановска-Давкова посочи и на, како што рече, парадоксот меѓу амбицијата на ЕУ да биде глобален фактор и бавното проширување во сопствениот европски простор.

 – Додека со понудите за асоцијативно членство за прекуокеански држави Унијата декларира амбиција за глобална моќ, со одлагањето на сопственото проширување таа практично демонстрира немоќ – истакна таа.

Во тој контекст, претседателката оцени дека оставањето на Западен Балкан во геополитичка сива зона создава стратешки простор за надворешни влијанија. Таа порача дека пред Европа да ги проширува своите геополитички хоризонти, треба да го затвори вакуумот во сопствениот регион.

Клучен дел од нејзиното обраќање беше критиката на можноста билатералните спорови да го блокираат пристапниот процес. Според Силјановска-Давкова, ако напредокот не зависи од спроведените реформи и исполнувањето на објективните критериуми, процесот го губи својот кредибилитет.

Таа предложи три суштински принципи за реформирање на процесот на проширување: заштита на системот на заслуги, спречување создавање „Европа од прв и втор ред“ и постепена интеграција која би водела кон полноправно членство, а не би станала негова трајна замена.

 – Проширувањето не е само политика кон кандидатите, туку тест за капацитетот на ЕУ да дејствува стратешки – порача претседателката, додавајќи дека Европа, ако сака поголема геополитичка тежина, мора да биде „похрабра и поконзистентна“, со повеќе меритократија и партнерство.

Во завршницата на обраќањето, Сиљановска-Давкова порача дека иднината на Западен Балкан и геополитичкиот капацитет на ЕУ се меѓусебно поврзани.

 – Реформата на проширувањето не е услуга за Западниот Балкан. Таа е инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата Европска Унија – рече таа, додавајќи: „Ние отсекогаш сме биле дел од Европа, географски, историски, културно. Крајно време е да бидеме и политички.“