Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи ги потсетува сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека сообраќајните прекршоци направени со овие возила се регистрираат преку системот „Безбеден град“.

За полесно и побрзо информирање и регулирање на евентуалните прекршоци, достапна е веб-апликацијата „Безбеден град“, која има и мобилен интерфејс.

Преку апликацијата сопствениците и возачите можат да се регистрираат, да проверат дали со нивното возило е евидентиран сообраќаен прекршок, да извршат увид во издадените прекршочни платни налози и електронски да ги подмират обврските.

Од МВР појаснуваат дека користењето на апликацијата не е задолжително. Таа овозможува прекршоците да се проверат и регулираат однапред, со што се олеснува и забрзува постапката при излез од државата.

За возачите кои нема да ја користат апликацијата, информација за евентуално евидентиран прекршок може да се добие при излез од државата на граничниот премин „Табановце“.

На „Табановце“ плаќањето на казните може да се изврши со платежна картичка, додека плаќање во готовина не е предвидено, информира МВР.

Министерството додава дека презема активности за проширување на можноста за информирање и подмирување на обврските поврзани со сообраќајните прекршоци и на други гранични премини.