Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ со доделувањето на наградите го заокружи 23. издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“, кој се одржа од 15 до 24 септември во Велес. Комисијата во состав Весна Димитровска Бобевски, претседателка, Кети Борисовска, членка, и Пеце Ристевски, член, ги донесе одлуките за најуспешните остварувања на фестивалот, при што признанијата им беа врачени на добитниците на завршната фестивалска свеченост.
Гран прито за најдобра претстава ѝ припадна на „Лисистрата“, во продукција на Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија. Наградата за главна женска улога ѝ е доделена на Јелена Жугиќ, додека признанието за најдобра главна машка улога му припадна на Александар Степанулески, членови на Драмскиот театар од Скопје, за улогите во претставата,,Падот на Масада“. Наградата за најдобра режија ја доби Дејан Пројковски, за режија на претставата „Падот на Масада“, во продукција на Драмскиот театар од Скопје.
Наградата за најдобра женска улога ѝ е доделена на првенката на Драмскиот театар од Скопје Јелена Жугиќ за изведбата во претставата „Падот на Масада“. Во одлуката на жирито се истакнува дека Јелена Жугиќ во оваа комплексна продукција прикажува исклучителна актерска зрелост, суптилност и моќна сценска харизма. Исправена пред предизвикот да одигра повеќе карактери во колажниот наратив на Венко Андоновски, Жугиќ успева да создаде длабоко врежани психолошки прецизни и емотивно повеќеслојни женски ликови.
– Јелена Жугиќ во „Падот на Масада“ носи специфична, силна емотивна тежина и суптилен цинизам. Во претставата таа брилијантно балансира меѓу историскиот патос и современата отуѓеност и ладнокрвност во модерните сцени. Таа со фасцинантна леснотија се трансформира низ историските епохи – носејќи ги архетипските мотиви на простувањето и љубовта во воведот, за подоцна вешто да премине во остар, модерен и деструктивен регистар, каде што нејзините ликови ја рефлектираат моралната ерозија на современото општество.
Наместо екстравагантни драмски гестови, Жугиќ избира минималистички, но исклучително силен израз. Таа маестрално владее со внатрешниот психолошки притисок на своите ликови, правејќи ги сцените на тишина еднакво моќни и зборливи како и дијалозите. Жугиќ е столб на партнерската и ансамбл-играта. Нејзиното присуство на сцената обезбедува извонреден естетски контрапункт на машките протагонисти. Таа со извонредно чувство за партнерска игра го засилува интензитетот на заедничките сцени, истовремено доминирајќи со својот индивидуален актерски интегритет – пишува во одлуката на жирито.
Наградата за најдобра машка улога жири-комисијата му ја додели на актерот Александар Степанулески. Со овој перформанс, тој докажува дека поседува врвна актерска зрелост, заслужувајќи го највисокото признание за машка улога на годинашното издание на фестивалот „Стоби“.

– Александар Степанулески во претставата „Падот на Масада“ остварува импресивно, виртуозно и длабоко суптилно актерско достигнување, кое ги потврдува неговиот исклучителен дијапазон и сценска моќ. Исправен пред предизвикот на сложената колажна структура на текстот, Степанулески маестрално води неколку дијаметрално спротивни ликови низ различни историски епохи. Клучен аргумент за оваа одлука е неговата маестрална актерска трансформација. Со неверојатна емотивна и физичка прецизност, тој непречено преминува од улога во улога — градејќи го авторитетниот и трагичен лидер на Евреите во Античка Масада, преку психолошкиот притисок на војводата на комитската чета, па до гротескниот фанатизам во ликот на Адолф Хитлер – пишува во образложението на жирито.
Жири-комисијата на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ одлучи наградата за најдобра режија да му ја додели на Дејан Пројковски за претставата „Падот на Масада“, во продукција на Драмскиот театар од Скопје.
Дејан Пројковски во претставата „Падот на Масада“ демонстрира исклучителна режисерска зрелост, храброст и инвентивност, нудејќи комплетно ново толкување на концептот на сценскиот простор и динамиката на ансамблот. Водејќи ја претставата низ сложена колажна драматуршка структура, составена од шест различни историски епохи, Пројковски успева да изгради хомогена, течна и моќна театарска целина.
Во одлуката се истакнува мајсторски диригираниот театарски ритам.
– Режисерот гради прецизно сценско крешчендо, балансирајќи меѓу трагичниот патос на антиката и суровата, тривијална реалност на модерната доба. Тој не дозволува транзициите меѓу епохите да бидат само паузи, туку ги претвора во органски дел од драмата. Бришење на „четвртиот ѕид“ и сценска кохезија. Преку смелата одлука за активно вклучување на техничката екипа и самата публика во срцето на сценското дејство на малата сцена, Пројковски создава ретка катарзична атмосфера во која гледалиштето и сцената дишат како едно.
Виртуозно водство на актерскиот ансамбл. Наместо својата препознатлива сценска грандиозност, режисерот овде се фокусира на камерниот микропростор, овозможувајќи им на актерите виртуозни и брзи емотивни трансформации, кои силно резонираат со публиката. Преку овие решенија, Пројковски не само што успешно го материјализира комплексниот текст на Венко Андоновски туку, во контекст на фестивалот „Стоби“, отвора и суштински дијалог за тоа како митот за античката жртва одекнува, паѓа и се преиспитува во денешното индивидуалистичко општество. Поради овие причини, ова остварување се издвојува како врвно режисерско достигнување на годинашното фестивалско издание – пишува во образложението на жири-комисијата на 23. Интернационален фестивал на античка драма „Стоби“.

Највисокото фестивалско признание – гран при (Grand Prix) за најдобра претстава во целина ѝ се додели на претставата „Лисистрата“, во изведба на Народно позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија, а во режија на Никола Завишиќ.
Во образложението на одлуката на жирито пишува дека претставата „Лисистрата“ на ансамблот од Зрењанин претставува тотален театарски триумф, кој на годинашното фестивалско издание донесе беспрекорна естетска заокруженост, извонредна енергија и радикално свеж поглед кон класичното наследство.
– Ова остварување се издвојува како врв на фестивалската програма поради својата способност античкиот бунт на Аристофан да го преточи во суров, кадарен и експлозивен современ театарски крик. Храбра драматуршка концептуализација и јазична сочност, полифона колективна игра и силна женска енергија, музички ритам, прецизна кореографија и супериорна визуализација на претставата. Со овој бескомпромисен уметнички ангажман, „Лисистрата“ на Интернационалниот фестивал „Стоби“ ја исполни примарната мисија на античката драма – да провоцира, да ги урива табуата и да го воодушеви гледачот преку чиста, сурова и виртуозна сценска магија. Поради тоа, претставата сосема заслужено се закитува со највисокото признание гран при – истакнуваат од жирито.
По доделувањето на наградите, во чест на наградените синоќа беше изведена претставата „Сите прекрасни нешта“, во продукција на Народниот театар од Штип, со што се затвори уште едно издание на ФАД „Стоби“, фестивал што низ својата програма ја продолжува традицијата на поврзување на античката драмска литература со современиот театарски израз. С.Ј.