Македонскиот културно-информативен центар во Софија испрати порака

Македонскиот културно-информативен центар во Софија викендов беше домаќин на два значајни културни настани, кои преку музиката и јазикот ги претставија богатството, континуитетот и живоста на македонската културна традиција. Два дена, две различни културни содржини, но една заедничка суштина – афирмација на македонската култура преку нејзините најсилни и најавтентични изрази: песната и јазикот.
Во рамките на програмата се одржа концерт на мешаниот хор на Културно-уметничкото друштво „Стив Наумов“ од Битола. Настапот на битолскиот хор во Софија претставува значајна можност македонската хорска традиција да биде претставена преку уметничка интерпретација, посветеност, колективен дух и богатото музичко наследство, кое со генерации се пренесува и надградува. Хорското пеење има посебна уметничка и културна вредност. Во него индивидуалниот глас станува дел од заедничка целина, а секој тон придонесува кон една поголема хармонија. Токму во таа заедничка звучна целина се препознава и една поширока културна порака – дека традицијата не е само спомен од минатото туку и жива вредност што продолжува да се создава, да се негува и да се пренесува. Од Битола, град со исклучително богато историско и културно наследство, македонската песна стигна до Софија. Тоа е повеќе од музички настап. Тоа е културен чин преку кој една традиција продолжува да живее во современ контекст, преку луѓето што денес ја негуваат, ја интерпретираат и ѝ даваат нова творечка енергија.

Вниманието потоа беше насочено кон уште еден темелен белег на културниот идентитет – македонскиот јазик, преку одбележувањето на Европскиот ден на јазиците 2026. Јазикот е многу повеќе од средство за комуникација. Тој е простор во кој се зачувуваат мислата, историјата, литературата, усното творештво и културната меморија на еден народ. Во јазикот се препознава начинот на кој една заедница го именува светот, ги создава своите литературни дела и ги пренесува своите искуства од една генерација на друга. Затоа, одбележувањето на Европскиот ден на јазиците е и можност македонскиот јазик да биде присутен во европскиот културен контекст како јазик со своја книжевна традиција, своја граматичка и лексичка структура, свое литературно творештво и своја културна меморија. Во оваа последователност лежи и посебната симболика на двата настана. Првиот ден ќе биде посветен на македонската песна, вториот на јазиците. Преку песната се слуша гласот на културното наследство; преку јазикот се чува и се пренесува неговата меморија. Едното ја носи емоцијата, другото ја носи мислата – а заедно ја сочинуваат живата ткаенина на една култура.
Македонскиот културно-информативен центар во Софија со овие активности ја потврдува својата значајна културна мисија – да биде простор во кој македонската култура се претставува преку своите вистински вредности: уметноста, јазикот, традицијата, творештвото и знаењето. Наедно, ваквите настани создаваат можност македонските културни вредности да бидат видливи и препознатливи во поширокиот европски културен простор.
– Културата е еден од најтрајните сведоци на постоењето и творечката сила на еден народ. Таа не се чува само со сеќавање, туку со постојано создавање. Не се пренесува само со зборови туку и со дела. И не живее само во минатото, туку во секоја нова генерација што ја прифаќа како наследство и има храброст да ја надгради. Овие два настана затоа не треба да се гледаат само како две вечери од една културна програма. Тие се две силни точки на едно исто културно сведоштво: дека македонската песна има свој глас, македонскиот јазик има свое име, а македонската култура има свое наследство и свој идентитет. И токму во тоа е нивната најголема вредност. Зашто народот не го определува само просторот на кој живее, туку и зборот со кој мисли, песната со која памети и културата со која му остава сведоштво на времето. Македонската песна и македонскиот јазик не се само делови од нашето наследство. Тие се живи темели на македонскиот културен идентитет. Затоа, од Софија, во овие два септемвриски дена, ќе биде испратена едноставна, јасна и достоинствена порака: Македонската култура не е само наследство што го чуваме од минатото. Таа е жива сила што ја создаваме денес и што ќе им ја оставиме на идните генерации. Македонскиот збор ќе се говори, македонската песна ќе се пее, а македонската култура ќе продолжи да живее – со своето име, со својот глас и со своето достоинство – велат организаторите. В.Д.