По повод обраќањето на францускиот претседател на Генералното собрание на Обединетите нации
- Со говорот на Макрон за мултилатерализам и „законот на џунглата“ во Њујорк повторно излегуваат на површина контрадикциите во меѓународната политика на францускиот претседател, особено кога ќе се земе предвид францускиот предлог за Македонија. Забележливо е дека кога се загрозени француските интереси, Париз повикува на почитување на правилата, додека кога станува збор за Македонија,
принципите на меѓународното право добиваат поинакво толкување од страна на Макрон. Неговиот говор пред ООН за враќањето на империјализмот затоа одново го наметнува прашањето за односот на големите европски држави кон малите земји
Францускиот претседател Емануел Макрон се плашеше од „недостиг од оригиналност“ во својот последен говор пред Генералното собрание на Обединетите нации одржан минатата недела во Њујорк. Од говорницата на Генералното собрание на ООН, Макрон ја истакна „големината на катастрофата што го зафати светот“, односно на, како што кажа тој, „враќањето на империјализмот“ и „ароганцијата“. Францускиот претседател притоа постојано истакнуваше залагање за мултилатерализмот, правдата и за потребата за почитување на меѓународното право. На тој начин истите тие што своевремено се оглушуваа на апелите од Македонија да се почитува меѓународното право, меѓу кои секако е и Макрон, денес и сами обвинуваат дека тоа е погазено.
Потсетување на пропаднатите дипломатски напори
На Блискиот Исток, во Украина и во Африка „зазорува нова ера на варварство“, се пожали Макрон, алудирајќи на војните што се водат низ светот. Но пред неговото заминување од Елисејската палата напролет идната година, шефот на француската држава ги повика своите колеги да не подлегнуваат на „дефетистички дух“ пред лицето на „силата без правила или ограничување“.
Со глас преполн со гнев, тој се потсети на своите напори од пред една година да мобилизира десетина земји да ја признаат Палестина со иницијатива што имаше цел да го зачува решението за две држави.
– На крајот на краиштата, прашањето што ни се поставува, на многу едноставен начин, е дали сакаме да живееме во оваа природна состојба, со еден вид враќање кон законот на џунглата, или во цивилизирано меѓународно општество – изјави францускиот претседател.
Во тој контекст Макрон го повтори своето противење на војната во Иран, вперувајќи го прстот кон САД и Израел и нивните воени акции од февруари, кои, според францускиот претседател, имале цел да ги соборат властите во Исламската Република.
– Секојпат кога неколку држави, понекогаш дури и во име на меѓународниот поредок, се обидуваат да ја узурпираат улогата на народот во промената на режимот или системот, тие ги туркаат тие држави во уште поголем хаос – повтори францускиот претседател од говорницата на ОН.
Макрон и претходно изјавуваше дека американско-израелските напади врз Иран беа спроведени „надвор од меѓународното право“ и дека Париз „не може да ги одобри“. А таквата реакција следуваше откако на некој начин беа загрозени француските интереси на Блискиот Исток, па од тие причини францускиот претседател посегна по меѓународното право.
Погазувањето на меѓународното право и политиката на Макрон заемно поврзани со Македонија
По повод забелешките на Макрон во ООН, треба да се истакне дека погазувањето на меѓународното право е процес што не се случува од вчера, туку станува збор за низа преседани на кои Македонија предупредува со години, бидејќи врз својот грб најмногу го почувствува неправото. Постојаното еднострано толкување на меѓународното право од страна на посилните држави доведе до целосно дерогирање на меѓународноправниот систем, на Обединетите нации како светска институција, што на крајот доведе до општиот хаос во кој денес се наоѓа светот, буквално на работ на планетарен конфликт.
А токму Македонија како мала земја меѓу првите алармираше дека преседаните со непочитувањето на меѓународното право, особено во делот на непочитувањето на сувереното право на детерминирање на името на државата, на автентичен идентитет на државотворниот народ, на симболите што ги избира, на јазикот, едноставно ќе го втурнат светот во хаос и анархија, каде што само моќта на оружјето ќе ги одредува правилата.
Во својот претседателски мандат, Макрон во повеќе наврати сакаше да покаже „државничка решителност“. Но во една демократија, решителност од позиција на автократија и сила, како што демонстрираше тој во неговиот мандат, лесно се претвора во ароганција, која отуѓува. Лидерот што сакаше да биде државник, кој сакаше да се угледа на некои негови далечни претходници и кој исто така сакаше да биде ултрапопуларен и дома и надвор, стана катализатор на националното, но и на европското пропаѓање. Дури и директен причинител!
Макрон често говореше за „суверена Европа“, за континент што нема да им биде вазал ниту на Вашингтон ниту на Пекинг ниту на Москва. Но европскиот суверенитет што го промовираше во практика се покажа како хиерархиски, хегемонистички. Силните да диктираат, а малите да се приспособуваат. Во односите со Источна Европа, Франција под негово водство често демонстрираше резервираност кон проширувањето. Аргументот беше институционална реформа на ЕУ пред нови членства. Но кога геополитичкиот контекст се смени, принципите станаа флексибилни, дневнополитички, како и за сѐ друго што правеше Макрон од чист лукративен интерес. Токму тука настанува проблемот: кога нормите стануваат инструментализирани (од него), тие престануваат да бидат норми.
Во македонскиот политички и интелектуален простор Макроновата политика се перципира како директно поткопување на принципите на јус когенс – оние перемпторни норми на меѓународното право што не трпат дерогирање. Имено, за потсетување, меѓу другото, тоа се и правото на самоопределување, суверената еднаквост на државите, немешањето во внатрешните работи, недискриминацијата. Со еден збор, сето она што Макрон со страотно дерогирачки потег, во содејство со Софија, ѝ го зададе на Македонија. Кога процесот на европска интеграција беше условен со прашања што допираат до историскиот наратив, јазикот и идентитетот, тоа за многумина во Македонија значеше дека европските вредности се подредени на билатерални интереси. Француското вето во 2019 година беше сигнал дека ветувањата немаат тежина. Подоцнежниот „компромис“ создаде чувство дека една „мала“ држава, односно Македонија, е ставена во позиција да преговара за сопствениот културно-историски континуитет!? За македонската јавност, тоа не беше технички процес, туку егзистенцијално прашање. И тука лежи најголемата штета за Макрон: загубата на моралниот капитал. Макроновата политика често се дефинира како (нео)либерална и, кога таа логика се применува врз идентитетски и историски прашања, резултатот е политичка експлозија. Макрон ги претвори европските вредности во предмет на условување и тогаш самата Унија ја изгуби својата нормативна сила. Макрон тврдеше дека ја брани европската кохезија. Но во Македонија остави впечаток дека Европа под негово влијание не заштитува, туку се измелези во нешто многу лошо, дека Брисел и Париз веќе не гарантираат развој и раст, туку дерогираат, деноминираат, уценуваат и условуваат.
Но кога во земјава се организираа редица протести поради францускиот предлог, чии одредби во најголем дел се спротивни на меѓународното право, пред сè во делот на самоопределувањето и самоидентификацијата на македонскиот народ, Макрон остана нем.
Тоа говори за двојните критериуми на Макрон во поглед на меѓународното право, односно се бара тоа да се почитува кога се загрозени француските интереси, а се замижува пред погазувањето на ова право кога се бара промена на име, знаме, идентитет, јазик, историја и култура на еден суверен народ. Се замижува и пред идентитетскиот инженеринг што се прави во 21 век, токму затоа што не се почитуваше меѓународното право, и се оди дотаму да се преименува еден цел народ. П.Р.;Т.Г.
Франција веќе не е главен дипломатски фактор во решавањето на глобалните кризи
Билатералните средби на францускиот претседател на маргините на Генералното собрание на ОН беа ретки, што укажува дека Франција повеќе не е главен дипломатски играч во решавањето на глобалните кризи. Но претседателот на Франција има намера да продолжи да презема мерки, инсистираат извори од Елисејската палата, како што пренесуваат француските медиуми. Тој сака да работи на регулирање на вештачката интелигенција; на повторно отворање на Ормускиот Tеснец, чија блокада предизвикана од војната во Иран ги зголемува цените на нафтата, како и на поддршка на Украина. Т.Г.
































