Реформите што треба да останат и ако Брисел утре исчезне од равенката
- Пораката на европратеникот Томас Вајц отвора едно суштинско прашање за македонскиот пат кон ЕУ, дали реформите ги правиме затоа што тоа го бара Унијата или затоа што граѓаните заслужуваат институции во кои ќе имаат доверба
Европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, говорејќи неодамна во рамките на сесијата на Мешаниот парламентарен комитет ЕУ- Македонија, која се однесуваше на борбата против корупцијата, испрати јасна порака што заслужува да се прочита и малку пошироко од контекстот на европските критериуми.
– Не се работи за реализација на обврските кон ЕУ, критериумите за пристапување. Се работи за вложување во вашето општество, во вашата земја, во функционирањето на вашите институции, вложување во довербата во системот… Како Австриец ќе кажам: Колку убаво, дојдете кај нас во Австрија, нам ни требаат квалификувани луѓе, образовани луѓе! Но знам каков ефект има тоа во општеството. Овде сум како поддржувач на С. Македонија и на целиот регион. И сакам да ве предупредам дека ако младите заминат, ќе замине и дел од иднината на земјата, а тоа е поврзано со довербата во институциите, довербата во правосудството и довербата во вашите институции – рече Вајц, говорејќи за борбата против корупцијата.
Она што го порача Вајц всушност покажува дека фокусот треба да биде ставен на потребите на обичниот човек тука во земјава. Без оглед што имаме отворени и затворени поглавја, скрининзи, препораки, извештаи, акциски планови, рокови и услови, важно е бенефитите да ги почувствуваат македонските граѓани.
Кога европскиот критериум станува домашна потреба
Токму низ зборовите на Вајц може да се заклучи што значи сето ова во пракса за граѓаните, посматрано преку исполнување на европските критериуми. Имено, ако независното судство е европски критериум, тогаш тоа треба да се оствари бидејќи тоа со децении го бараат македонските граѓани. Исто е и со борбата против корупцијата, која е клучен услов за напредок во европската интеграција. Граѓаните сакаат државата да се справи со корупцијата не заради ЕУ туку заради нормално функционирање на македонското општество. Ништо поинаку не е ниту со барањето на граѓаните за транспарентна администрација, која ќе може брзо да им издаде дозвола, документ, решение или услуга, наместо со денови да губат време пред шалтерите.
Европската комисија и во последниот извештај за владеење на правото ја нагласува врската меѓу независното судство, ефикасните антикорупциски механизми и довербата во институциите. За Македонија, овие прашања остануваат дел од суштинските реформи на патот кон ЕУ. Токму затоа е важно да се промени и домашната перспектива.
– Не треба да се бориме против корупцијата само затоа што некој од Брисел ќе напише дека сме направиле „ограничен напредок“. Треба да се бориме затоа што корупцијата го јаде системот одвнатре, и тоа со децении. Ги обесхрабрува граѓаните, ги зголемува трошоците за бизнисот, создава чувство на неправда и ја уништува вербата дека правилата важат еднакво за сите. Затоа луѓето бегаат бидејќи не можат да ја гледаат таа неправда, оние што се збогатиле преку корупција и криминал, повторно да шефуваат, да бидат главни и да ги диктираат условите – велат соговорниците.
Најважен европски критериум е довербата на граѓанинот
Според нив, за човекот што живее во Македонија веројатно не е најважно дали некој закон е усогласен со десет, петнаесет или дваесет европски директиви, туку многу поважно е дали може да заврши работа без да бара „човек“, без да има партиска книшка, без да мора телефонски да му се јавува некому и без некој да му каже дека „така функционираат работите“.
– Македонските граѓани добро знаат што пишува во извештајот на ЕК и знаат дека тој често е разубавен, но токму граѓаните се тие што секој ден имаат искуства во судницата, во болницата, во училиштето, во општината, во шалтерската служба, во фирмата во која работат и во институцијата во која треба да добијат заштита. И токму затоа е интересна и забелешката на Вајц дека ако младите не се убедат оти правдата постои за сите, тие и натаму ќе продолжуваат да се селат од државата. Едно да биде јасно, младите, се разбира, не секогаш заминуваат заради повисока плата. Во најголем дел си прават есап во главата: што е тоа што добиваат за парите што ги заработуваат тука. Дали имаат функционално здравство? Дали образованието нуди перспектива? Дали институциите работат предвидливо? Дали судот може да му ја заштити правдата? Дали успехот зависи од знаењето и трудот или од тоа кого го познава? Дали секоја година ќе дишат загаден воздух и ќе гледаат како шумската мафија ги опустоши шумите, а градежната градовите? Тука европската интеграција добива сосема поинакво значење – истакнуваат нашите соговорници.
Што ако ЕУ не е утрешниот ден?
Македонија веќе со децении ја гради својата политика околу европската перспектива. Европската комисија и денес го поврзува напредокот во пристапувањето со реформите во владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на демократските институции.
Но имајќи ги предвид блокираниот македонски евроинтегративен пат и општата неизвесност во светот, она што е повеќе од јасно, тоа е дека ако утре исчезне европската перспектива, нам повторно ќе ни биде потребно независно судство, ќе ни требаат функционални институции и уредена држава.
– Кај нас упорно се турка тезата дека реформите се наша домашна задача што треба да му ја предадеме на Брисел. И ако некој спомене дека ние треба сами да си ја средиме куќата, веднаш е напаѓан дека шири антиевропски наративи, дека ние сами ништо не можеме, дека ни е потребен камшикар и слично. Европската Унија може да поставува стандарди, да следи, да оценува, да помага и да условува, но таа не може наместо македонските институции да создаде доверба кај македонскиот граѓанин. Затоа е потребно тие работи сами да си ги средиме, да видат граѓаните дека оваа држава ја бива. И тука е суштината на пораката на Вајц. Можеме да ги исполнуваме европските критериуми затоа што сакаме членство, но многу поважно е да ги исполнуваме затоа што сакаме држава во која луѓето ќе имаат причина да останат – оценуваат соговорниците.
































