Фото: Приватна архива

Македонското трио „Анимато“ на 28 септември ќе настапи во галеријата „Артгет“ при Културниот центар на Белград, Србија. Концертот „Музичко патување“ ќе почне во 20 часот.

Триото, специфично по својот состав (две флејти и пијано), го сочинуваат пијанистката Светлана Димитриевска и флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска Манојловска.

На програмата се дела од Дмитриј Шостакович, Антон Бернхард Фурштенау и Гаетано Доницети, како и „Обливион“ и „Либертанго“ од Астор Пјацола. Публиката ќе слушне и композиции од Едвард Елгар и македонскиот композитор Давор Јордановски.

– Ова е наше прво гостување во Белград и навистина му се радуваме. Подготвивме атрактивна и разновидна програма, во која секое дело носи поинаква музичка приказна. Веруваме дека таа разноликост, заедно со интересниот спој на две флејти и пијано, ќе го привлече вниманието на пошироката публика. Се надеваме на убава средба со белградската публика и на вечер во која музиката ќе нè поврзе – вели Димитриевска.

„Анимато“ е основано во 2020 година.

Концертот во Белград се реализира во соработка со Македонскиот културно-информативен центар, со поддршка од македонското Министерство за култура и туризам.