Фото: Пиксабеј

Цените на нафтата денеска во азиското тргување паднаа на најниско ниво во повеќе од една недела, поттикнати од надежите дека дипломатските активности во рамките на Генералното собрание на ОН би можеле да отворат пат за деескалација на војната меѓу САД и Иран.

Врз движењето на цените влијаеше и делумното обновување на испораките на нафта од Саудиска Арабија, и покрај продолжените напади на јеменските Хути.

Фјучерсите на северноморската нафта „брент“, референтна за европскиот пазар, поевтинија за 2,16 долари, односно за 2,08 проценти, на 101,71 долар за барел до 2.13 часот по Гринич. Во петокот тргувањето го завршија со пад од 0,91 процент.

Цената на „брент“ претходно денеска се спушти на најниското ниво од 10 септември.

Истовремено, американската лесна сурова нафта ВТИ (WTI) падна под психолошката граница од 100 долари за барел. Нејзината цена се намали за 2,15 долари, односно за 2,14 проценти, на 98,15 долари за барел, по падот од 1,58 проценти во претходната трговска сесија.

Оптимизмот на пазарот се засили откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е отворен за средба со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк. Иран, според медиумските извештаи, преку посредници ги доставил своите услови за обновување на преговорите за завршување на војната.

Сепак, тензиите на Блискиот Исток остануваат високи. Хутите соопштија дека со ракети и беспилотни летала нападнале цели во саудискиот главен град Ријад, како и објект на „Сауди Арамко“ во пристанишниот град Јанбу.

Нападите врз нафтоводот Исток–Запад ја принудија саудиската компанија да го зголеми извозот преку Ормуска Теснина. Според првичните податоци на аналитичката компанија „Кплер“, саудискиот извоз во септември се зголемил на повеќе од четири милиони барели дневно, откако во август паднал на 2,4 милиони барели дневно – најниско ниво од најмалку 2013 година.

Сателитските податоци покажуваат дека низ Ормускиот Теснец во изминатите шест дена во просек минувале 2,9 милиони барели саудиска нафта дневно, во споредба со само 700.000 барели дневно во август, посочуваат аналитичарите што ги цитира „Ројтерс“, пренесува БТА.

– Изгледа дека дел од премијата за ризик се повлекува од цените на нафтата поради надежите дека уште оваа недела би можел да се отвори дипломатски пат за деескалација на војната меѓу САД и Иран – оцени главниот пазарен аналитичар на „Кеј-си-ем трејд“ (KCM Trade), Тим Вотерер.

Тој, сепак, предупреди дека останува неизвесно дали надежите за дипломатски напредок ќе се остварат.