ОТВОРЕН ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

Со музички перформанс под диригентство на Џијан Емин и настап на „БитВокс“, доделување на наградите и проекција на македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, во Битола почна 47. издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Во седумте фестивалски дена ќе бидат прикажани повеќе од 80 филма, од кои 12 во главната конкуренција.
Под мотото „Ткајачи на филм“, фестивалот ќе трае до 25 септември, кога ќе биде затворен со македонската премиера на филмот „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ. Годинава два македонски филма се меѓу 12-те во конкуренција.
– Пред повеќе од 100 години, кога за првпат се појави камерата, се родила и желбата да се снима животот. Сѐ со една цел: да се зачуваат спомените. Тоа до денес нѐ тера да го снимаме она пред нас. Сите вие овде учествувате директно во градење, чување и негување на оваа традиција, на овој фестивал ткаеме нешто убаво со кое сите сме горди. Ткаеме филмови и ткаеме уникатен фестивал. Никогаш нема да престанеме да ткаеме убави работи – рече директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски.
Претседателката на Друштвото на филмски работници, Марија Димитрова, му ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на актерот Петар Арсовски.
– Му благодарам на ДФРМ за наградата и им благодарам на сите што издржаа со мене 55 години да ја создаваме македонската кинематографија – рече Арсовски.
Јануш Камински е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело.
– Оваа награда веќе стои кај мене дома, заедно со другите награди што сум ги добил. Прекрасна рачна изработка, многу сум среќен и ви благодарам прекрасни луѓе – рече Камински.
Џеф Кроненвет е годинашниот добитник на наградата специјална „Златна камера 300“ за особен придонес во светската уметност. Американскиот кинематографер е долгогодишен соработник на режисерот Дејвид Финчер и директор на фотографија на филмовите „Боречки клуб“, „Друштвена мрежа“, „Исчезната“ и „Девојката со тетоважа на змеј“. Кроненвет го издвои „Браќа Манаки“ како фестивал што им дава простор токму на луѓето зад камерата, но и на новите генерации што допрва влегуваат во кинематографијата.
– Младите кинематографери имаат потреба од ваков фестивал, место каде што ќе можат да креираат контакти, пријателства и размена на искуства. Кога бев млад, учев од моите постари колеги гледајќи ги нивите филмови. Се надевам дека сега јас возвраќам со тоа што им помагам на помладите колеги. Фестивалот „Браќа Манаки“ ја одржува оваа традиција жива и ги поврзува генерациите во време кога технологијата ги менува начините на работа – рече Кроненвет.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, му ја врачи наградата.
Дан Лаустсен е добитник на специјалната „Златна камера 300“ за животно дело, а му ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.