Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија достигнаа рекордно ниво, откако Европската комисија почна да ги следи податоците во 2005 година.
Според најновите податоци на Европската комисија, на 14 септември просечната цена на бензинот во ЕУ изнесувала 2,063 евра за литар, додека дизелот достигнал 2,159 евра. Тоа значи дека полнењето резервоар од 50 литри чини околу 103 евра за бензин и 108 евра за дизел.
Цените значително се разликуваат меѓу земјите-членки. Најевтин бензин имало на Малта, со 1,34 евра за литар, а најскап во Данска, со 2,56 евра. Кај дизелот, најниска цена е регистрирана повторно во Малта – 1,21 евро, додека највисока во Финска – 2,51 евро за литар.
Главен фактор за актуелното поскапување се високите рафинериски маржи, односно разликата меѓу цената на суровата нафта и цената на готовите нафтени деривати.
Од Европската централна банка проценуваат дека маржите кај дизелот би можеле да продолжат да растат и да го достигнат врвот во октомври, што значи дека високите цени би можеле да се задржат и во наредниот период.
Дополнителен притисок создава и растот на цената на суровата нафта. Барел „Брент“ пред почетокот на конфликтот на Блискиот Исток чинел околу 72 долари, додека во петокот цената надминала 104 долари.
Според ЕЦБ, од почетокот на 2026 година просечната цена на бензинот во ЕУ пораснала за околу 29 отсто, а дизелот поскапел за речиси 40 отсто.
ЕЦБ проценува дека во третата недела од септември рафинериската маржа учествувала со околу 0,41 евро во цената на литар дизел, односно околу 19 отсто од малопродажната цена. Кај бензинот маржата изнесувала околу 0,17 евро за литар, или 8 отсто.
На крајната цена значително влијаат и даноците и акцизите. Во јули тие сочинувале околу 44 отсто од цената на дизелот и 52 отсто од цената на бензинот во еврозоната.
Високите цени на горивата дополнително ги зголемуваат инфлаторните притисоци во еврозоната. Според ЕЦБ, инфлацијата кај енергенсите во август пораснала на 14,3 отсто, од 10,3 отсто во јули.































