Речиси 2,2 милиони денари се собрани на 12. хуманитарен пикник на „Алкалоид“, средства што ќе бидат наменети за набавка на современа медицинска опрема за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.

Како што соопшти компанијата, донацијата ќе овозможи набавка на современ бронхолошки столб со фибербронхоскоп – специјализирана медицинска опрема што се користи за прецизен преглед на дишните патишта, навремена дијностика и третман на белодробните заболувања кај децата, како и при итни состојби предизвикани од вдишани туѓи тела.

– Хуманоста и солидарноста отсекогаш биле дел од традицијата на „Алкалоид“. Во септември 2011 година, по повод 75-годишниот јубилеј на компанијата, овие вредности добија уште еден израз со започнувањето на корпоративната хуманитарна иницијатива наменета за вработените во „Алкалоид“, членовите на нивните семејства и нивните пријатели – рече Живко Мукаетов, генерален директор на компанијата.

Фото: „Алкалоид“

Со текот на годините иницијативата прерасна во традиционален хуманитарен настан, чиј континуитет беше привремено прекинат единствено за време на ковид-пандемијата.

– Од првиот хуманитарен пикник досега се собрани близу 14 милиони денари, кои преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ беа наменети за поддршка на здравствени установи, хуманитарни и граѓански организации, лица со ретки болести, ранливи категории граѓани и еколошки иницијативи – рече Мукаетов.

Тој истакна дека зад секој успех и секое достигнување на „Алкалоид“ стојат луѓето.

– Оние што ги поставиле темелите, оние што продолжиле да градат и оние што денес ја носат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство алкалоидовци, кои и овојпат покажуваат дека припадноста кон компанијата се препознава и преку човечноста, солидарноста и подготвеноста да се помогне таму каде што е најпотребно. Посебно ми е драго што годинашната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, зашто тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè! – додаде Мукаетов.

Директорката на Клиниката „Козле“, проф. д-р Катерина Бошковска, ја поздрави донацијата, оценувајќи дека таа ќе придонесе за подобрување на условите за лекување на најмладите пациенти.

Фото: „Алкалоид“

– Особено сме благодарни што „Алкалоид“, кој, како и многупати досега, ја препознава важноста на вложувањето во здравјето и создавањето подобри услови за лекување на најмладите пациенти. Ваквата поддршка е пример за општествена одговорност која создава конкретна и трајна вредност за заедницата – рече Бошковска.

Фото: „Алкалоид“

Традиционалните маици за настанот беа украсени со мотивот „Алкалоидовата куќа“. Мотивот, создаден од македонскиот артист Сатја Грабул по повод 90-годишниот јубилеј, ја пренесува идејата за припадност, блискост и солидарност, кои, всушност, се вредностите што го поврзуваат големото семејство на „Алкалоид“.

Фото: „Алкалоид“
Фото: „Алкалоид“
Фото: „Алкалоид“
Фото: „Алкалоид“
Фото: „Алкалоид“