Со одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција
Комитетот на министри на Советот на Европа, одлучи да продолжи испитувањето на случаите поврзани со Македонците во Бугарија, најдоцна на нивниот состанок во март в година, во светлината на анализата на дадените информации и сите други релевантни случувања, со цел да се разгледа прашањето за затворање на нивното следење на оваа група, и покрај тоа што официјална Софија преку претседателката Илијана Јотова во Стразбур побара затворање на случаите како извршени, со тврдење дека пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) се спроведени.
Одлуката на Комитетот на министри на Советот на Европа се однесува за групата пресуди на ЕСЧП во случаите на Обединета Македонска Организација Илинден и други против Бугарија, односно за нивното спроведување од страна на властите во Софија.
Се потсетува дека оваа група случаи се однесува на неоправдани одбивања од страна на судовите во Бугарија, во периодот помеѓу 1999 и 2015 година, да ги регистрираат македонските здруженија подносители и уставната забрана за здруженија што се стремат кон политички цели, како и непочитување на формалните законски барања (прекршувања на член 11 од ЕКЧП).
Делегатите на Министрите на Советот на Европа потсетуваат и на нивните претходни одлуки во овие случаи, вклучително и оние од септември 2025 година. Во Стразбур се забележува дека сите нови барања за регистрација поднесени од последната суштинска одлука на Комитетот од страна на апликантите или слични здруженија се одбиени и на административно и на судско ниво. Тие исто така забележуваат дека овие одбивања сами по себе не претставуваат доказ за непочитување на пресудите на Судот, доколку, како што претходно нагласи Комитетот, „овие пресуди не повлекуваат обврска за признавање на група лица како малцинство или обврска за автоматска регистрација, но тие значат дека не е можно да се одбие регистрација врз основа на причините што ги отфрли Европскиот суд; и дека регистрацијата на здруженија со слични цели мора да се спроведе, под услов да ги исполнуваат разумните формални барања и да се применуваат доследно во согласност со принципите на Конвенцијата“.
Притоа, ги покануваат бугарските власти да ги разгледаат повиците на Комитетот за проширување на обврската на Агенцијата да дава упатства за исправка на документите за регистрација за време на процесот на регистрација, имајќи ги предвид одлуките од септември 2025 година во кои Комитетот, меѓу другото, „смета дека во моментов не е потребна понатамошна посебна акција во однос на општите мерки; и ги покануваат властите да го следат влијанието на неодамна усвоените мерки за да се осигурат дека сите нови барања за регистрација од страна на здруженијата-апликанти или слични здруженија се испитуваат во целосна согласност со обврската според член 11 од Конвенцијата за заштита на правото на слобода на здружување; во овој поглед се забележува дека се очекува и здруженијата-апликанти да ги земат предвид упатствата од јуни 2025 година во идните постапки за регистрација.
































