Повод: Пораката на еврокомесарката Марта Кос упатена до Бугарија:
„Откако Северна Македонија ќе ги донесе уставните измени, сметаме на ваша поддршка“… Нашиот одговор како засегната страна на пораката на еврокомесарката Кос за промена на Уставот по бриселско-париско-софискиот терк е содржан во насловот на текстот што следува.
Ете ја есента. Сезоната на гроздоберот. А тамам во екот кога лозарите ги полнат каците, од Брисел ни стигна една нова „мотивациска еврокомесарска порака“: Прво Македонија да го смени Уставот, па потоа – можеби – ќе има бугарска поддршка. (?!) Марта Кос го кажа тоа многу јасно. Македонија МОРА да го смени Уставот. Тоа, според неа, било договорено со 27. членки на Европската Унија.
А откако ќе биде направено тоа, таа ќе „СМЕТА НА ПОДДРШКА“ од Бугарија за процесот да продолжи. Колку убаво формулирано. За Македонија – МОРА. За Бугарија – СМЕТАМЕ.
Ете ја европската синтакса на условен оптимизам. Ние да направиме нешто конкретно, а потоа некој друг да се надеваме дека веројатно ќе направи нешто конкретно?! А ако не? Пааа, како што велат дипломатите: „Ќе најдеме начин“.
Токму тука имаме полно право да се запрашаме: А каде е гаранцијата? Не, не ветувањето. Не надежта. Не „ќе сметаме“. Не „веруваме дека веројатно…“. Туку гаранцијата!!!
Молам? Не може да добиеме гаранции?! Ама, ве молам… Нашето искуство со европските процеси одамна нè научи дека меѓу „исполнете го условот“ и „сега ние ќе го исполниме нашиот дел“ може да има цела вечност. А Македонија веќе има доволно искуство со таа европска вечност… Го сменивме знамето. Го сменивме уставното име. Со Преспанскиот договор направивме огромна политичка и идентитетска самоденоминација.
И сето тоа беше претставувано како големиот, решавачки чекор по кој патот кон Европската Унија конечно ќе биде расчистен. Но патот, како што гледаме, некако постојано има нова кривина. Сега на ред е Уставот. Утре? Којзнае.
Можеби уште една „европска обврска“. Можеби уште една „историска храброст“. Можеби уште една „болна, но неопходна одлука“. И секогаш со истата порака: Само уште ова. Само уште еднаш. Само уште еден компромис. Само уште еднаш Македонија да покаже европска зрелост. Но кога доаѓа редот на другата страна, јазикот одеднаш станува дипломатски. Не гаранција. Туку очекување…
И токму затоа реченицата на Кос е многу посилна политичка порака отколку што можеби изгледа на прв поглед. Зашто таа не кажува дека Бугарија ќе ја поддржи Македонија. Кажува дека „ќе се смета на нејзината поддршка“. Па, ве молам, тоа се две сосема различни работи. Едната е обврска. Другата е надеж. Едната е услов. Другата е добра волја. И ако Брисел навистина сака да гради доверба, тогаш токму тука е прашањето што треба да се постави. Имено, зошто од Македонија се бара политичка сигурност, а на Македонија ѝ се нуди дипломатска неизвесност?
Европската Унија не може да биде Европа на обврски за едните и Европа на очекувања за другите. Не може принципот да биде „Македонија прво да направи нешто што е политички тешко и чувствително, а потоа Бугарија ќе покаже дали е расположена да помогне“. Тоа не е добрососедство. Тоа не е партнерство и помош за евроинтеграции. Тоа е едностран аванс… (да не го наречеме – пљачка! И тоа идентитетска пљачка! Грабеж!).
А Македонија веќе доволно долго плаќа аванс за европската иднина. Затоа, можеби е време македонската политика да научи една едноставна европска лекција, а тоа е пред да се потпише чекот, да се види што точно се добива за возврат.
И уште нешто. Уставните измени, ако некогаш се направат, не смеат да бидат производ на страв, притисок, уцена или чувство дека Македонија мора да избере меѓу сопственото достоинство и европската иднина. Ако има промени, тие треба да бидат резултат на македонска политичка одлука, донесена низ демократска процедура и во согласност со волјата на граѓаните.И тука нема ништо антиевропско.
Напротив. Европа, ако навистина е заедница на демократија, владеење на правото и достоинство на државите, мора да разбере дека и малите народи имаат право да кажат: Доста е! Доста е од политиката на бесконечни отстапки. Доста е од логиката дека секогаш Македонија треба да биде таа што ќе попушти. Доста е од очекувањето дека македонскиот народ треба постојано да докажува дека е доволно европски, додека неговите партнери можат да си остават отворени врати за нови услови и нови толкувања. Доста е!
Македонија може да разговара. Може да преговара. Може да биде конструктивна. Но може и да каже – ова е нашата црвена линија. Нашиот идентитет не е преговарачка ставка. Нашето име не е валута. Нашата историја не е европски ситниш…
А нашиот Устав не е лист хартија што ќе го прекројува секој што ќе помине по европскиот пат. И затоа, токму во сезоната на гроздоберот, можеби најсоодветниот македонски дипломатски одговор е оној стариот, народниот, само малку приспособен на бриселската реалност:
Кога врбата ќе роди грозје, тогаш ќе ги викнеме Софија и Брисел на гроздобер. Дотогаш, нека не ни објаснуваат кој мора да бере, а кој само ќе „смета“ на бербата.
































