Педиополиси (втор дел)

  • Од Воден, преку Америка, до Виетнам – како децата од Северна Грција (Егејска Македонија) добиваат нови имиња, нови семејства и нова татковина?

Во првиот дел од оваа сага за педиополисите го поставивме прашањето што не смее да остане само историско: Што се случува со еден народ кога ќе му ја прекинете врската со неговите деца? Дали со одземањето на детето започнува исчезнувањето на народот? Дали зад „спасувањето“, „евакуацијата“ и „превоспитувањето“ понекогаш се криела многу подлабока намера – детето да се одвои не само од своите родители туку и од својот јазик, своето име, својата меморија и својот народ? И ако тоа било правено присилно и систематски, дали историјата нè доведува до најтешкото прашање од сите: дали пред нас стои само приказна за една граѓанска војна и асимилација – или нешто што мора да се испита и низ членот II(e) од Конвенцијата за геноцид? И, конечно, дали сето тоа било хаосот на војната – или некој многу добро знаел дека најкраткиот пат до исчезнувањето на еден народ води преку неговите деца?
Во ова продолжение ќе тргнеме по трагата токму на тие деца – од македонските села во Воденско и Леринско, преку педиополисите и повоените посвојувања, па сè до Америка и Виетнам.
Но да се вратиме повторно во 1947 година. Во времето на Граѓанската војна во Грција, кога под покровителство на грчката кралица Фредерика се создава системот на педиополиси (Παιδοπόλεις), таканаречени „детски градови“.
Фредерика не била обична фигура на грчкиот двор и грчката политика. Родена како принцеза Фредерика од Хановер, таа била ќерка на Ернест Август, војводата од Брауншвајг, и принцезата Викторија Луиза од Прусија, единствената ќерка на последниот германски цар Вилхелм II. Значи, Фредерика била внука на кајзерот Вилхелм II – последниот германски цар и еден од владетелите што носат историска одговорност за политиката што Европа ја воведе во катастрофата на Првата светска војна, во која загинаа милиони војници и цивили, а цели народи и генерации ја платија цената на амбициите на тогашните европски империи. Фредерика, по бракот со Павле, а потоа и по неговото стапување на престолот во 1947 година, станува кралица на Грција. Токму под нејзино покровителство се развива мрежата од педиополиси. Во различни периоди функционирале педесетина такви установи, а во литературата најчесто се споменуваат околу 18.000 деца што поминале низ системот. Официјалното објаснување било едноставно и хумано: децата требало да бидат спасени од војната, нахранети, згрижени и образовани. Но во првиот дел го поставивме прашањето што се крие зад зборот „спасување“. Кој го спасува детето? Од кого? Каде го носи? На кој јазик го воспитува? И кому му припаѓа детето откако ќе биде одвоено од своето семејство? Тука мора повторно да направиме една суштинска дистинкција. Не се исто децата од педиополисите и „децата бегалци“. Првите биле префрлани во институции под контрола на грчката владина и кралска страна. Вторите, во масовната евакуација од 1948 година, биле изнесувани од подрачјата под контрола на Комунистичката партија на Грција и Демократската армија кон Југославија и земјите од Источна Европа. Родителите на тие деца верувале дека токму со испраќањето преку границата ќе ги спасат не само од бомбите и војната туку и од можноста да завршат во педиополисите. И затоа историски е опасно сите овие деца едноставно да ги ставиме во една категорија.

МАСОВНОТО МЕЃУНАРОДНО ПОСВОЈУВАЊЕ ДЕЦА ОД ГРЦИЈА

Граѓанската војна завршува во 1949 година. Но движењето на децата не завршува. Напротив. Во 1950-тите години започнува еден друг феномен, кој децении подоцна ќе стане предмет на сериозни историски истражувања: масовното меѓународно посвојување деца од Грција. Истражувањата на професорката Гонда ван Стин од Кралскиот колеџ во Лондон покажуваат дека во повоениот период повеќе од 4.000 деца родени во Грција биле испратени на посвојување во странство, најголемиот број во Соединетите Американски Држави. И токму тука приказната почнува да станува мрачна и мачна!
Зашто зад прекрасните фотографии на „спасени сирачиња“ почнале да се појавуваат прашања: Дали сите биле сираци? Дали сите мајки доброволно се откажале од нив? Дали документите биле точни? Дали имало пари? И, конечно, дали некои деца биле претворени во стока?

„ЊУЈОРК ТАЈМС“: СКОПАС УАПСЕН ЗА ПРОДАЖБА НА БЕБИЊА

На 5 мај 1959 година скандалот експлодирал на страниците на „Њујорк тајмс“. Насловот бил брутално директен: „Скопас уапсен за продажба на бебиња“ (Scopas Arrested in Sale of Babies). Стивен С. Скопас не бил некој непознат посредник. Тој бил њујоршки магистрат и истакната фигура во грчко-американската заедница. Обвинението се однесувало на триесет деца од Грција, кои во периодот од 1957 до 1959 година им биле дадени на американски семејства преку систем на т.н. „proxy adoptions“ – посвојувања во кои идните родители не морале лично да присуствуваат во Грција. Во обвинението се појавиле и сомнежи за наплата на пари за посредувањето. И ова веќе не била македонска приказна. Не била комунистичка пропаганда. Не била приказна од зад Железната завеса. Била приказна на насловната страница на еден од највлијателните американски весници. Неколку месеци претходно, на 6 јануари 1959 година, „Њујорк тајмс“ веќе објавил текст на Хомер Бигарт со наслов „Њујорк е посочен како пазар за бебиња“ (New York Is Cited as a Baby Market).

„ЧИКАГО ДЕЈЛИ ТРИБЈУН“: ГРЦИТЕ ГИ ИСТРАЖУВААТ ПОСТАПКИТЕ ЗА ПОСВОЈУВАЊЕ

На 1 јули 1959 година и „Чикаго дејли трибјун“, повикувајќи се на британската меѓународна новинска агенција „Ројтерс“, објавува: „Грците ги истражуваат постапките за посвојување“ (Greeks Probe Procedures of Adoption). Поднасловот бил уште поинтересен: Во Грција пристигнувале извештаи од Америка за „црн пазар“ („Hear Black Market Reports from U.S“). Тоа значи дека веќе во 1959 година се појавил изразот „црн пазар“ (black market), не е наша денешна квалификација. Тој се појавува во американскиот јавен дискурс токму во времето кога се случувале овие посвојувања.
На 5 мај 1959 година аферата експлодира на страниците на „Њујорк тајмс“. Во нејзиниот центар се наоѓа Стивен С. Скопас – угледен Грко-Американец, поранешен претседател на АХЕПА (Американско-хеленско образовно-прогресивно здружение) и судија во Њујорк. Обвинението било дека преку неговиот круг биле „пласирани“ триесет деца од Грција кај американски семејства и дека за тоа биле наплаќани значителни суми.
Њујоршкиот окружен обвинител Френк С. Хоган јавно го опишал механизмот. Како што неговите зборови децении подоцна ги пренесе „Лос Анџелес тајмс“, заинтересираните брачни двојки оделе во канцеларијата на Скопас, каде што им биле покажувани фотографии на „грчки“ деца, од кои идните родители избирале дете. Според Хоган, сумите достигнувале до 2.800 долари по дете.
И ова не останало само новинарска сензација. Записот од постапката пред Големата порота покажува речиси неверојатна процедура: американските двојки биле упатувани во канцелариите на посредниците, гледале фотографии на деца, избирале дете и се согласувале да платат суми од 1.500 до 2.800 долари, плус трошоците за транспорт. Потоа се организирало посвојувањето во Грција – понекогаш преку полномошник, без идните родители воопшто да бидат таму – а детето било донесувано во Њујорк. Некои посвоители за првпат го гледале детето кога тоа веќе пристигнувало во Америка.
Тука, меѓутоа, обвинителот Хоган се судрил со еден извонреден правен парадокс. Грчкиот суд веќе го имал кажано последниот збор.
Во поврзаниот американски судски предмет „Народот против Џорџ Исахар“ (People v. Issachar), кој произлегол од истрагите за посредувањето при посвојувањето деца од Грција, американскиот суд буквално забележува дека самиот окружен обвинител морал да признае дека законитоста на посвојувањата извршени во Грција не можела едноставно да биде оспорена во САД. Во тогашниот „Њујорк тајмс“ Хоган бил цитиран дека „грчките судови ги сметале посвојувањата преку полномошник за законски“ и дека таквите посвојувања требало да бидат признавани како законски и во Америка. Токму тоа станало Ахиловата петица на американското обвинение.
Кога предметот „Народот против Скопас“ (People v. Scopas) стигнал до судот, правната одбрана била едноставна, но моќна: пред децата воопшто да пристигнат во Њујорк, тие веќе биле законски посвоени во Грција. Њујоршкиот суд констатирал дека станува збор за „деца што веќе биле законски посвоени во Грција“. Оттаму, кога детето пристигнувало во Америка, правно гледано тоа не било дете што некој допрва го „пласира“ кај туѓо семејство – луѓето што го чекале на аеродромот веќе биле негови родители според грчката судска одлука.
И тука приказната станува многу посериозна од самиот Скопас. Современото истражување на професорката Гонда ван Стин покажува дека механизмот бил усовршуван со т.н. proxy adoptions: постапките се завршувале во Грција преку грчки судски одлуки, а потоа детето влегувало во САД веќе како посвоено дете што оди кај своите законски родители. Токму затоа американските правила за домашно „пласирање“ деца тешко можеле да се применат врз нешто што правно веќе било завршено во друга држава.
Во почетните години значаен дел од ова движење бил поврзан со грчко-американската заедница и АХЕПА (Американско-хеленско образовно-прогресивно здружение). Ван Стин, меѓутоа, покажува дека кругот подоцна станал поширок: грчките судови претпочитале американски посвоители од грчко потекло, но нивниот број бил ограничен, па грчки деца биле посвојувани и од други американски семејства.
Значи, американскиот обвинител гледал фотографии, пари, посредници и деца што преку Атлантикот пристигнувале кај луѓе што понекогаш никогаш претходно не ги виделе.
Но американскиот суд пред себе имал нешто друго: Грчка судска одлука. И токму тука мора да го поставиме прашањето што аферата „Скопас“ сама по себе не можела да го реши. Што точно му било кажувано на грчкиот суд за детето пред тој да дозволи негово посвојување? Кои биле неговите родители? Дали навистина биле мртви? Дали детето било напуштено? Дали мајката дала согласност? Дали некој ја барал? Дали некаде постоел татко, мајка или роднина што истовремено го барал истото дете?
Американскиот суд во предметот „Скопас“ не одговорил на тие прашања. Тој решил многу потесно правно прашање: што може Њујорк да направи кога Грција веќе создала законски однос родител–дете? Затоа аферата „Скопас“ завршува со еден речиси совршен правен парадокс: обвинителот гледал можен „црн пазар“; посредниците покажувале фотографии и наплаќале илјадници долари; децата патувале преку океанот; а пред американскиот суд стоела хартија од грчки суд што велела – ова дете веќе има нови родители.
И токму затоа вистинската истрага не требало да заврши во Њујорк, таа требало да започне таму каде што започнувала правната трансформација на детето – во Грција. Зашто ако сакаме да дознаеме дали зад овие случаи стоеле само посредници што ги користеле дупките во законот или нешто многу пошироко, мора да го поставиме најнепријатното прашање: Како едно дете со мајка, татко, село, име и потекло можело еден ден да се појави пред судот како дете достапно за посвојување – а неколку месеци подоцна, со грчка судска одлука во рака, да го продолжи животот илјадници километри од својот дом?

„ЛОС АНЏЕЛЕС ТАЈМС“: ЧЕТИРИЕСЕТ ГОДИНИ ПОДОЦНА – ДЕЦАТА ПРОГОВОРИЈА

На 29 септември 1996 година „Лос Анџелес тајмс“ ја објавува приказната под наслов: „Грчки Американци стравуваат дека можеби биле бебиња од црниот пазар“ (Greek Americans Fear They May Have Been Black-Market Babies).
И тогаш статистиката добива лице. Име. Сеќавање. Амалија Балч. Таа имала пет години кога во 1955 година била однесена во Америка. Нејзиното сеќавање на патувањето е страшно токму затоа што е детски едноставно: „Се сеќавам дека бев многу болна… и многу исплашена“.
Таа подоцна дознала нешто уште потешко: мајка ѝ не била мртва како што ѝ било кажувано. „Лос Анџелес тајмс“, пренесувајќи ја истрагата на „Асошиејтед прес“ (една од најголемите и најстарите американски новински агенции), пишува дека Амалија подоцна дознала дека била одземена од својата мајка. По повеќе патувања во Грција конечно ги пронашла своите крвни роднини. Замислете го тоа. Едно петгодишно дете заминува преку океан. Добива друг дом. Расте во друг свет. А четириесет години подоцна мора повторно да ја бара сопствената биографија. Која сум? Од каде сум? Која ми е мајка? Зошто ми рекоа дека е мртва?

ФОТОГРАФИИ ОД ДЕЦА КАКО КАТАЛОГ?

Тогашниот окружен обвинител на Менхетн, Френк Хоган, подоцна ќе ја опише постапката пред „Њујорк тајмс“. Според неговото тврдење, кај Скопас доаѓале заинтересирани двојки, им биле покажувани фотографии од деца, а тие избирале кого сакаат да посвојат. „Лос Анџелес тајмс“ во 1996 година повторно ја пренесува оваа приказна и наведува дека потенцијалните родители, според обвинителството, плаќале и до 2.800 долари по дете. Тоа биле огромни пари за 1950-тите. Според денешната куповна моќ, би изнесувала приближно 32.000 долари. Но уште пострашно од парите е прашањето: Кој ја дал фотографијата? Кој утврдил дека детето е сирак? Кој утврдил дека мајката се откажала? Кој го потпишал документот? И кој проверил дали детето навистина нема родители што го бараат?

СИТЕ МАЈКИ ЈА ОСТАВАЛЕ ИСТАТА БЕЛЕШКА?

Еден од највознемирувачките детали што ги открива современото истражување на Гонда ван Стин се однесува на децата заведувани како „напуштени“. Американскиот истражител Ернест Митлер забележал колку е неверојатно сите „невенчани мајки“ во Грција наводно да оставале речиси идентична белешка на облеката на детето и потоа речиси никогаш да не можат да бидат пронајдени за да дадат согласност. Тоа е моментот кога документот престанува да биде само хартија. Станува доказно прашање. Кој ја напишал белешката?

А ШТО СО МАКЕДОНСКИТЕ ДЕЦА?

Тука започнува најтешкиот дел од оваа приказна. Пред да стигнеме до Америка, мораме повторно да се вратиме во селата на Леринско, Костурско, Драмско, Солунско и Воденско. Зашто децата не се појавиле сами во педиополисите. Современите истражувања на Граѓанската војна потврдуваат дека меѓу децата во педиополисите имало и македонски деца. Лоринг Данфорт и Рики ван Бошотен во книгата „Децата на Граѓанската војна во Грција: Бегалците и политиката на сеќавањето“ (Children of the Greek Civil War: Refugees and the Politics of Memory) посветуваат цело поглавје на животните приказни на децата од педиополисите. Меѓу нив е и Македонецот Трајан Димитриу од Леринско. Неговото сведоштво е особено важно затоа што ја урива удобната претстава дека секое дете доброволно ѝ било предадено на државата за да биде „спасено“. Неговото сеќавање е сосема поинакво: „Вистината е дека нè одведоа насила“. Оваа една реченица ја менува перспективата. Зашто ако детето било земено против својата волја или против волјата на семејството, тогаш веќе не зборуваме само за хуманитарна евакуација. Мора да прашаме кој го зел, по чија наредба, каде го однел, каков идентитет му бил даден и – најважно – дали некогаш било вратено.

ЧЕТИРИ ИЛЈАДИ ДЕЦА – НОВИ СЕМЕЈСТВА, НОВИ ИМИЊА, НОВИ ТАТКОВИНИ

Професорката Гонда ван Стин од Кралскиот колеџ во Лондон, која повеќе од една деценија ги истражува повоените посвојувања од Грција, проценува дека околу 4.000 деца родени во Грција биле испратени на меѓународно посвојување во периодот на педесеттите години од минатиот век, пред сè во Соединетите Американски Држави. Ова не е претпоставка. Тоа е резултат на долгогодишно архивско истражување.

ОД ВОДЕН ДО АМЕРИКА – А ПОТОА ДО ВИЕТНАМ

Гонда ван Стин документира еден животен пат што звучи како филмско сценарио. Во нејзиното истражување се појавува човек роден на 17 февруари 1951 година во Едеса – македонски Воден. Изворот ги наведува и неговите биолошки родители. До својата осма година тој и неговите браќа и сестри веќе биле посвоени од американско семејство. Од Воден – во Америка. Таму пораснал. Завршил американско средно училиште. А потоа им се приклучил на американските вооружени сили. И животот на детето родено во Воден направил уште еден неверојатен пресврт: бил испратен во Виетнам, каде што поминал тринаесет месеци за време на војната. Роден во војна, повторно испратен во војна, каде што се враќа со воени заслуги!

Тони Менкиноски

(продолжува)