Земјите кандидати за членство во Европската Унија мора да добијат јасен сигнал дека Европската Унија навистина е посветена на процесот на проширување и дека е подготвена за прием на нови членки, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на Бледскиот стратешки форум.
Говорејќи на панелот „Проширување или маргинализација?“, Кос истакна дека процесот не зависи само од исполнувањето на условите од страна на земјите кандидати, туку и од политичката подготвеност на лидерите на Европската Унија да го поддржат проширувањето.
– Земјите кандидати мора да добијат јасен сигнал дека Европската Унија сериозно мисли на проширувањето и дека е подготвена за тоа – истакна Кос.
Таа нагласи дека пристапувањето ќе продолжи да се темели на постигнатите резултати и исполнувањето на поставените критериуми, но додаде дека и лидерите на земјите членки имаат важна улога во процесот.
Според неа, тие треба да им објаснат на своите граѓани зошто проширувањето е важно, особено имајќи предвид дека во дел од земјите членки постои одреден страв и скептицизам во однос на приемот на нови членки.
Црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, пак, оцени дека војната во Украина покажала оти проширувањето на Европската Унија повеќе не е само прашање на реформи, туку и прашање на европската безбедност.
Црна Гора и Албанија во моментов се меѓу земјите кои бележат најголем напредок во процесот на пристапување, а Подгорица има амбиција да ги заврши преговорите со Брисел до крајот на годината.
Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Ферит Хоџа порача дека приемот на првата земја кандидатка која целосно ќе ги исполни условите би претставувал силна порака за сите останати кандидати и би го прекинал, како што рече, „маѓепсаниот круг“ на постојани застои.
– Откако ќе ги исполнат условите, земјите треба да знаат дека ги очекува членство во Европската Унија. Проширувањето е двонасочен процес – обврски имаат и земјите кандидати и Европската Унија, која во случај на нов застој би можела да го изгуби својот кредибилитет – истакна Хоџа.
Сличен став изнесе и државната секретарка за европски прашања во словенечкото Министерство за надворешни работи, Тамара Вајнгерл Пожар, која нагласи дека Европската Унија мора да остане веродостојна во својата политика на проширување.
Таа порача дека Словенија ќе продолжи силно да го поддржува процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан, како и на Украина и Молдавија, со почитување на принципот на еднаков третман и исполнување на поставените услови.
Учесниците на панелот оценија дека претстојните недели и месеци ќе бидат особено значајни за иднината на проширувањето, во пресрет на самитот на Европската Унија во октомври и објавувањето на годишниот извештај за проширувањето.
Претставничката на германското Министерство за надворешни работи, Натали Каутер, порача дека европските граѓани треба да бидат убедени дека проширувањето не е важно само за земјите од Западен Балкан, туку претставува и национален интерес на сите земји членки на Европската Унија.
– Доколку проширувањето не успее, цената нема да ја плати само Западен Балкан, туку и самата Европска Унија – истакна Каутер.

































