МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ ВО ТАРАНТО
Во финалната борба актуелниот европски младински првак го победи Хрватот Боран Берак и со тоа ѝ го донесе на Македонија вкупно шестиот медал, прв златен, на МИ 2026
Македонскиот каратист Матеј Белистојаноски (21), член на КК Олимпик од Скопје, предводен од тренерот на македонската сениорска репрезентација, Александар Кузмановски, денеска освои златен медал на 20. Медитерански игри (МИ) во Таранто (Италија). Во тежинската категорија до 67 килограми, во дисциплината борби, во финалниот дуел, актуелниот младински европски шампион од 2026 година во Кипар, го победи со 6-0 Хрватот Боран Берак и со тоа ѝ го донесе на Македонија вкупно шестиот медал, а прв златен на Медитеранските игри за 2026 година.
До златниот медал Белистојаноски стигна откако ги совлада мошне квалитетните претставници Мустафа Алма Салех (6-1) од Сирија, Лука Мареска (2-0) од Италија и во полуфиналето Георгиос Балиотис (5-1) од Грција, кого го победи и во финалето на младинското Европско првенство (ЕП) годинава во Кипар (2-0). Денеска попладне требаше да настапи уште македонската каратистка Вероника Костовска (во категоријата до 61 кг), а утре и Стефан Стојановиќ (над 84 кг).
Со овој медал на големата карате-надеж на Македонија, Белистојаноски, Македонија досега освои шест медали на годинашните Медитерански игри во Таранто, од кои (едно злато) две или три сребра и три бронзи. На МИ 2026 во Италија сребрени медали освоија борачите Фати Вејсели (категорија до 74 кг) и Реџеп Хајдари (до 97 кг), а бронзени медали борачот Ахмад Могамедов (до 86 кг) и борачката Вероника Консевиќ (до 57 кг), сите во борење слободен стил, како и боксерот Ален Рустемовски (до 60 кг). Г.И.


































