Царинските службеници на граничниот премин Табановце спречија обид за нелегален пренос на 64.250 евра, кои биле откриени при контрола на автомобил со германски регистарски таблички управуван од грчки државјанин.
Од Царинската управа информираат дека против лицето е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд, а непријавените девизи се запленети.
При влезот во државата, на прашање на царинските службеници дали има нешто за пријавување, патникот пријавил дека носи 60.000 евра, приложувајќи образец издаден при влез во Република Србија.
Поради сомневање во точноста на неговата изјава, царинските службеници, заедно со припадник на Фронтекс, извршиле детален преглед на возилото и личниот багаж, при што биле пронајдени вкупно 124.250 евра.
Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени пријавените 60.000 евра, додека преостанатите 64.250 евра биле одземени.
Од Царинската управа потсетуваат дека од почетокот на годинава се откриени 30 случаи на нелегален пренос на девизи. Во тие случаи се запленети вкупно 820.675 евра, 141.300 британски фунти и 35.000 австралиски долари.
































