И покрај изјавата на американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот дека епидемијата на циклоспороза е ставена под контрола, низ САД продолжуваат да се регистрираат нови случаи на инфекција со паразитот Cyclospora cayetanensis.
Според најновите податоци на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC), само во периодот од 21 до 28 јули се евидентирани околу 2.500 нови случаи. Од почетокот на мај досега се потврдени повеќе од 6.700 инфекции, додека над 11.500 случаи сè уште се во фаза на лабораториска потврда или дополнителна анализа, пренесе „Тудеј“.
Иако болеста предизвикува силна и продолжена дијареа и други гастроинтестинални симптоми, досега не е регистриран ниту еден смртен случај. Во болница биле примени 423 пациенти, но сите закрепнале. Здравствените власти сè уште го истражуваат точниот извор на заразата.
Во првичната истрага сомневањата беа насочени кон компанијата „Тејлор Фармс“, еден од главните снабдувачи на синџирот ресторани „Тако Бел“, откако Американската агенција за храна и лекови (FDA) соопшти дека во пакувана сечкана зелена салата биле откриени траги од паразитот.
Сепак, Американската агенција за храна и лекови подоцна ја повлече таа информација, наведувајќи дека лабораторискиот резултат бил лажно позитивен. И покрај тоа, компанијата доброволно ја повлече спорната серија зелена салата од продажба.
Од Центар за контрола и превенција на болести предупредуваат дека реалниот број на заболени најверојатно е значително поголем, бидејќи многу лица закрепнуваат без да побараат лекарска помош и никогаш не се тестираат.
Најголем број случаи се регистрирани во сојузните држави Мичиген и Охајо. Според здравствените власти во Мичиген, бројот на заразени таму веќе надминал 10.000. Досега случаи не се пријавени само во Монтана, Ново Мексико, Мејн, Јужна Каролина и на Хаваите.
Експертите препорачуваат овошјето и зеленчукот темелно да се мијат пред консумирање или да се подложат на термичка обработка, бидејќи високите температури го уништуваат паразитот.
































