Саудиска Арабија објави формирање на нов воен сојуз за заштита на пловидбата во Црвеното Море и околу стратешки важниот теснец Баб ал-Мандеб, откако нејзини бродови повторно беа цел на напади.
Според саудиските власти, алијансата ја сочинуваат 14 држави, меѓу кои Кувајт, Катар, Бахреин, Пакистан, Турција, Египет и Јордан. Целта е да се обезбеди слободна навигација, сигурност на меѓународните трговски патишта и непречено глобално снабдување со енергија, соопшти Министерството за одбрана по состанокот во Ријад.
Формирањето на сојузот доаѓа по серијата напади на јеменските Хути, поддржани од Иран, врз саудиски и трговски бродови во Црвеното Море. Нападите траат од 2023 година, поради што претходно беа воспоставени и европската мисија „Аспајдес“ и американската операција „Чувар на просперитетот“ за заштита на поморскиот сообраќај.
Од саудиското Министерство за одбрана нагласуваат дека новата алијанса има исклучиво одбранбен карактер и не е насочена против ниту една држава, воен сојуз или меѓународна организација. Планирани се заеднички воени операции, вежби, координација и размена на разузнавачки информации.
Саудиска Арабија во моментов дел од извозот на нафта го пренасочува кон Црвеното Море преку нафтовод, поради ограничувањата во Ормутскиот Теснец. Сепак, зачестените напади на Хутите дополнително ја загрозуваат безбедноста на оваа извозна рута.
Во новата алијанса не се вклучени Обединетите Арапски Емирати и Оман, иако двете земји имаат слични безбедносни интереси во регионот.
Сојузот формално ја обединува и регионалната група Р4, составена од Саудиска Арабија, Пакистан, Египет и Турција, земји кои во последниот период ја интензивираат безбедносната и воената координација.
На состанокот во Ријад присуствувале претставници на повеќе од 40 држави, меѓу кои и членови на Делегацијата на Европската Унија во Саудиска Арабија. Од Ријад порачаа дека алијансата останува отворена за приклучување на нови членки.
































