Климатските промени ја влошуваат сушата во Европа бидејќи поради екстремните горештини резервите од вода испаруваат, наведуваат научниците во истражувањето објавено оваа недела. Ниските нивоа на водата ги нарушуваат транспортот, земјоделството и индустријата во некои земји како Романија и Грција. Многу европски земји ова лето страдаат од суви услови. Франција стравува дека би можела да го има најмалиот род на пченка во последните 50 години, Романија го ограничи пристапот на земјоделците до вода за наводнување, Холандија прогласи недостиг од вода минатата недела, а седум грчки острови прогласија вонредна состојба.
Климатските промени се причина за недостигот од дожд од април до јуни оваа година, се наведува во анализата на Научната мрежа за анализа на влијанието на климатските промени. Екстремната топлина го забрзува испарувањето на водата од почвата. Потенцијалните услови за испарување биле 80 пати поверојатни во Западна Европа и 40 пати поверојатно во Источна Европа помеѓу јануари и јуни во споредба со прединдустриското време пред луѓето да почнат да согоруваат фосилни горива на индустриско ниво.
– Екстремната топлина е примарен двигател на сушата на нашиот континент. Гледаме дека резервите од вода испаруваат од почвата и реките побрзо отколку што би се случило во свет без климатски промени, претворајќи ги сувите периоди, кои би можеле да се контролираат, во тешки суши – рече Сара Кју, климатолог од Кралскиот холандски метеоролошки институт.
Според анализата, сушата на земјоделската почва сега е пет пати поверојатна во Западна Европа поради климатските промени, а 11 пати поверојатна во Источна Европа.
































