Основното јавно обвинителство во Гевгелија отвори истражна постапка против српски државјанин осомничен за кривичното дело „избегнување плаќање акциза“, откако на граничниот премин Богородица биле откриени 5.000 штеки цигари без акцизни маркички.
Според Обвинителството, осомничениот се обидел да избегне плаќање акциза во вредност од речиси пет милиони денари, пренесувајќи недозволена стока преку државната граница.
Тој со камион-влекач и приколка со српски регистарски таблички, сопственост на транспортна компанија од Србија, се пријавил за влез во државата и започнал транзитна постапка, при што како товар бил пријавен материјал за изолација.
При царинската контрола, над декларираната стока биле пронајдени 100 картонски кутии со вкупно 5.000 штеки цигари без акцизни маркички.
Јавниот обвинител оцени дека постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоци или евентуални соучесници, како и да ги сокрие или уништи доказите поврзани со кривичното дело.
Поради тоа, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија е доставен предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

































