Фото: Принтскрин

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Бесник Џемаили е избран за нов заменик-претседател на Комисијата, функција што ќе ја извршува во наредните шест месеци.

Изборот е спроведен согласно принципот на ротација, при што редоследот е утврден според азбучниот ред на презимињата на членовите на ДКСК, појасни претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ.

Тој информираше дека мандатот на актуелната заменик-претседателка Софија Спасова Медарска завршува на 18 август, а Џемаили ќе ја преземе функцијата од 19 август. Предлогот бил едногласно усвоен од членовите на Комисијата.

На денешната седница, Чучуљ соопшти и дека ДКСК евидентирала 30 лица кои биле избрани, именувани или им престанал мандатот во април, а не ја исполниле законската обврска навреме да поднесат изјава за имотна состојба и судир на интереси.

За сите нив, најави тој, ќе бидат поведени прекршочни постапки и ќе бидат изречени законски предвидените санкции.

Членовите на ДКСК на денешната седница донесоа и 51 одлука по исто толку предмети оформени по пријави од познати и анонимни подносители.