Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски очекува од понеделник да има надолна корекција на цените на дизелот и бензините, како и дополнително стабилизирање на инфлацијата. Тој порача дека Владата ќе продолжи со политиките насочени кон заштита на животниот стандард и одржување на ценовната стабилност.

Мицкоски изјави дека движењата на светските цени на нафтата сè уште се променливи, но дека тие остануваат значително под нивото од 100 долари за барел.

 – Очекувам веќе од понеделник да имаме надолно нивелирање на цените на бензините и дизелот. Важно е што како држава остануваме со едни од најниските цени на дизелот и безоловниот бензин, иако сите земји ги набавуваат овие производи од истите светски пазари – рече премиерот.

Тој нагласи дека Владата се откажала од дел од приходите преку намалување на акцизите и данокот на додадена вредност, со цел да ги ублажи ценовните притисоци врз граѓаните.

 – Остануваме на таа политика и во наредниот период, а очекувам дополнително намалување на цените – истакна Мицкоски.

Според него, намалувањето на акцизите и ДДВ го чинело државниот буџет десетици милиони евра, но придонело за зачувување на ценовната стабилност и непречено снабдување со горива.

Тој потсети дека, за разлика од некои држави кои вовеле ограничувања за извоз, Македонија не забранила извоз на горива и овозможила снабдување и за странските граѓани.

Осврнувајќи се на инфлацијата, Мицкоски изјави дека очекува нејзино дополнително намалување во текот на јули. Посочи дека во јуни годинава инфлацијата изнесувала 3,4 проценти, во споредба со 14,7 проценти во јуни 2022 година, додека растот на цените на храната е намален од над 15 на 2,5 проценти.

Премиерот додаде дека, според анализите на Владата, Македонија во моментов има подобри инфлациски показатели од повеќето земји во регионот и најави дека Владата ќе продолжи активно да работи на зачувување на ценовната стабилност.