Владата донесе одлука да го продолжи процесот за вработување на преостанатите 300 специјализанти од вкупно 600 предвидени со владината одлука од 2024 година, а постапката треба да заврши до крајот на годинава, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски.
На денешната прес-конференција, Клековски изјави дека по застојот во реализацијата на проектот, Владата на вчерашната седница донела одлука повторно да го отвори процесот за вработување.
– Одлуката за вработување на 600 специјализанти беше донесена во 2024 година. Во меѓувреме беа вработени 300, додека преостанатите 300 останаа надвор од проектот. Со новата владина одлука процесот продолжува и тие треба да бидат вработени до крајот на годината – рече Клековски.
Министерот појасни дека Министерството за здравство ќе го обнови повикот за изразување интерес, бидејќи од првичната постапка поминал подолг период, а дел од специјализантите во меѓувреме веќе нашле вработување.
– Според нашите информации, околу 30 од тие 300 специјализанти веќе се вработени по редовен пат. Затоа сакаме повторно да го утврдиме интересот и да обезбедиме процесот да одговори на реалните потреби – истакна тој.
Клековски нагласи дека приоритет ќе имаат општите и клиничките болници надвор од Скопје, како и дефицитарните специјалности, со цел да се подобри достапноста на специјалистички кадар во јавното здравство низ целата држава.
































