Епидемијата во Гостивар покажува знаци на смирување, откако во последното деноноќие се регистрирани 71 нов случај – бројка која, според министерот за здравство Сашо Клековски, е на нивото пред почетокот на епидемијата кон крајот на јуни.
На денешната прес-конференција, Клековски изјави дека подобрувањето на состојбата се должи на подобриот квалитет на водата во градскиот водовод и на континуираното и соодветно хлорирање.
– Сметаме дека настанува смирување на епидемијата. Сепак, крај на епидемијата ќе може да се прогласи дури кога епидемиолошките анкети ќе потврдат дека веќе нема нови случаи поврзани со градскиот водовод. Овие нови заболувања може да имаат и друга причина – рече Клековски.
Тој посочи дека постојано се следат нивото на резидуален хлор и микробиолошките параметри на водата, а Управувачкиот комитет ќе донесе одлука кога водата ќе биде безбедна за пиење и подготовка на храна.
– Штом се исполнат условите и на сите контролни точки се потврди соодветен квалитет на водата, Управувачкиот комитет ќе даде зелено светло за нејзина употреба – истакна министерот, додавајќи дека очекува таква одлука да биде донесена до крајот на неделата.
Освен за состојбата во Гостивар, Клековски информираше и за три нови случаи на вектор-преносливи болести – двајца пациенти се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а еден на Клиниката за неврологија.
Според него, покрај случаите поврзани со патување во Грција, потврдени се и лица кои не патувале надвор од државата, а живеат во подрачјето на Скопско Поле, што укажува на локална изложеност.
Како превентивна мерка, Центарот за јавно здравје – Скопје веќе спроведува дезинсекција во радиус од 200 метри околу местото на живеење на заболените, а Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести вршат дополнително мапирање на случаите за да утврдат дали се потребни нови активности за сузбивање на комарците.
Во однос на западнонилската треска, Клековски потсети дека околу 80 проценти од инфекциите поминуваат без симптоми, додека потешките форми најчесто се јавуваат кај лица постари од 60 години и кај пациенти со хронични заболувања.
Тој нагласи дека Комисијата за заразни болести во моментов е фокусирана на следење на вектор-преносливите заболувања и најави дека, доколку биде потребно, ќе бидат донесени дополнителни препораки. Воедно, најави и интервентен увоз на лекови, вклучително и терапија за маларија.































