Бугарскиот парламент ја одобри употребата на воздухопловната база Безмер од страна на американската војска за поддршка на операциите на САД на Блискиот Исток, и покрај загриженоста на дел од пратениците дека земјата би можела да биде вовлечена во конфликтот со Иран, пренесе „Асошиејтед Прес“.
Предлогот на Владата беше усвоен со 136 гласа „за“, 13 „против“ и двајца воздржани. Со одлуката се овозможува распоредување на до осум американски авиони-танкери KC-135, околу 250 припадници на персоналот и придружна опрема во базата Безмер во периодот од петок до 1 октомври.
Воздухопловната база, која се наоѓа на околу 260 километри југоисточно од Софија, е објект за заедничка употреба согласно Договорот за одбранбена соработка меѓу САД и Бугарија од 2006 година. Секое ново користење на базата за различна намена бара одобрение од бугарскиот парламент.
Новото распоредување е реализирано по барање на Амбасадата на САД во Бугарија.
Пред гласањето, бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека „категорично не доаѓа предвид“ воени операции на Блискиот Исток да се изведуваат од бугарска територија. Тој нагласи дека американските авиони ќе имаат исклучиво логистичка улога и ќе вршат полнење гориво во лет надвор од бугарскиот воздушен простор.
Министерот за одбрана Димитар Стојанов, обраќајќи им се на пратениците, рече дека се преземени сите неопходни мерки за Бугарија да не биде вовлечена во каков било вооружен конфликт.
– Побаравме и добивме гаранции од нашиот стратешки партнер со цел да се минимизираат ризиците за националната безбедност – изјави Стојанов.

































