ФОТО: ТИРЗ

Висока бизнис-делегација од Индија, составена од претставници на двете најголеми стопански комори ASSOCHAM и FICCI, како и од сопственици и директори на водечки индиски компании, денеска ја посети ТИРЗ Скопје, каде што беа претставени инвестициските можности во Македонија, условите за работа во технолошко-индустриските развојни зони и потенцијалите за продлабочување на економската соработка, пренесе МИА.

Во рамките на посетата, делегацијата ги разгледа и производствените капацитети на компанијата „Џагатај кабло“, која беше претставена како пример за успешна странска инвестиција во зоните.

Директорот на ТИРЗ, Гоце Димовски, ги презентираше поволностите што ги нуди Македонија за странските инвеститори, условите за работење во технолошко-индустриските развојни зони, како и институционалната поддршка што ја обезбедува Дирекцијата во текот на целиот инвестициски процес.

-Македонија претставува стабилна и конкурентна дестинација за странските инвеститори, со стратешка географска положба, квалификувана работна сила и поволна деловна клима, што ја прави атрактивна за компании што сакаат да го прошират своето присуство на европскиот пазар – истакнал Димовски.

Од ТИРЗ информираат дека членовите на делегацијата се запознале со условите за работење во зоните, успешните приказни на компаниите што веќе инвестираат, како и со можностите за соработка во повеќе стопански области.

Според Дирекцијата, посетата претставува значаен чекор кон зајакнување на економската соработка со Индија и отворање нови можности за идни инвестиции и деловни партнерства.

-Индија, како една од најбрзо растечките економии во светот, претставува значаен партнер, особено во насока на привлекување нови инвестиции, размена на искуства и развој на идни проекти со висока додадена вредност – наведуваат од ТИРЗ.