Владата денеска донесе одлука за прогласување кризна состојба во Општина Гостивар во траење од 30 дена, со цел побрза координација на институциите и надминување на состојбата со водоснабдувањето, пренесе МИА.
Одлуката е донесена на 195. седница на Владата, на предлог на Управувачкиот комитет, во чиј состав се министрите за одбрана, надворешни работи и надворешна трговија, внатрешни работи, здравство и транспорт, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, како и претставници на повеќе институции, меѓу кои Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, СОЗР, Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот инспекторат за животна средина и ЗЕЛС.
-Со оглед дека локалната самоуправа не може да се справи со настаната состојба во Општина Гостивар, Владата донесе ваква одлука за прогласување кризна состојба сè со цел побрза координација на институциите, како и ставање на водоснабдителниот систем во функција и обезбедување вода за пиење во најкраток можен рок – се наведува во владиното соопштение.
Од Владата нагласуваат дека здравјето на граѓаните на Гостивар останува врвен приоритет и оти институциите ќе продолжат со активности за целосно решавање на проблемот.
Воедно, Владата очекува Основното јавно обвинителство да спроведе темелна истрага за случајот и да ја утврди одговорноста.
-Одговорност мора да има за секој што ги ставил во ризик здравјето и животите на гостиварци – наведуваат од Владата.
На денешната седница, Владата го именува и Златко Перински за вршител на должност директор на Фондот за здравствено осигурување. Перински е магистер по менаџмент на човечки ресурси, а претходно беше министер за локална самоуправа, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и управител на СЦ „Борис Трајковски“.

































