Фото: Маја Јаневска Илиева

Продолжува трендот на намалување на бројот на лица кои првпат побарале лекарска помош поради симптоми на гастроентеритис, покажуваат податоците од јавните здравствени установи во Гостивар за изминатиот ден, соопшти Министерството за здравство, пренесе МИА.

Според информациите, во Општата болница во Гостивар се регистрирани 111 нови прегледи на Инфективното одделение, 65 нови прегледи на Педијатриското одделение и седум прегледи во Ургентниот центар, односно вкупно 183 прегледи.

Во Здравствениот дом – Гостивар биле евидентирани 110 прегледи, како и 25 повици до Итната медицинска помош.

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека бројот на пациенти во болницата бележи значително намалување.

-Во текот на вчерашниот ден вкупниот број пациенти прегледани во болницата е намален за 38 проценти. Во споредба со 19 јули 2026 година, кога во Општата болница во Гостивар беа регистрирани 289 прегледи, вчера се евидентирани вкупно 183 прегледи. Истовремено, бројот на прегледи во Здравствениот дом продолжува континуирано да опаѓа – од 315 пациенти на 18 јули, на 275 пациенти на 19 јули и 110 пациенти на 20 јули – изјави Клековски.

Според Министерството за здравство, податоците укажуваат на продолжување на позитивниот тренд со постепено намалување на бројот на нови случаи на гастроентеритис во Гостивар.