Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сѐ додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна, изјави директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.
На денешната прес-конференција во Владата, Миланов истакна дека инспекциските служби продолжуваат со засилени контроли кај операторите со храна во Гостиварско, со цел да се утврдат изворот, степенот и обемот на контаминацијата, како и да се обезбедат нови лабораториски резултати врз основа на кои ќе се носат понатамошните одлуки.
– Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да преземаме соодветни законски мерки за целосно расчистување на случајот и за отстранување на причините што довеле до оваа состојба и го загрозиле здравјето на граѓаните. Ја уверуваме јавноста дека нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан – изјави Миланов.
Тој појасни дека вонредниот инспекциски надзор бил спроведен на 16 јули во доцните вечерни часови, по известување од Основното јавно обвинителство и пријава од МВР за можна нарушена безбедност на водата за пиење во водоснабдителниот систем во Вруток.
Контролата, спроведена во соработка со Министерството за животна средина, Обвинителството и крим-техника при МВР, утврдила дека во главниот цевковод на водоводната мрежа биле незаконски поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.
За утврдување на исправноста на водата, стручни лица од Институтот за јавно здравје земале мостри од резервоарот, каптажата, површинската вода и од јавна чешма, а во текот на вчерашниот ден биле земени дополнителни примероци од целиот водоснабдителен систем, вклучително и од јавни установи, градинки и угостителски објекти.
– За да се спречи поголема опасност по здравјето на населението, АХВ веднаш издаде времена забрана за употреба на водата за пиење. Во рамките на законските овластувања ќе бидат преземени сите неопходни мерки против субјектите кај кои ќе се утврдат пропусти или непочитување на законските обврски – нагласи Миланов.
Тој упати апел до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на здравствените институции и локалните власти и да не ја користат водата за пиење и подготовка на храна сѐ додека не бидат објавени конечните лабораториски резултати и не се нормализира состојбата.
Миланов додаде дека АХВ ги зема официјалните мостри од водата, додека анализите ги врши Институтот за јавно здравје, кој по нивното завршување ќе ги достави официјалните резултати до Агенцијата.
































