Поради официјалната посета на претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, денеска и утре во Охрид ќе бидат воведени засилени безбедносни мерки и посебен режим на сообраќај.
Од СВР Охрид информираат дека мерките се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на трасите, објектите и локациите предвидени со протоколот за посетата.
За спроведување на активностите, полицијата остварила координација со локалната самоуправа, јавните претпријатија, Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, како и со други надлежни институции.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од денеска спроведува засилени контроли и регулирање на сообраќајот, особено на булеварот „Туристичка“, но и на други улици каде што ќе биде забрането запирање и паркирање на возила.
Посебниот режим ќе важи и на магистралните, регионалните и локалните патишта на релацијата Охрид – Свети Наум, како и на улиците низ населените места, заштитниот појас покрај патиштата и паркиралиштата во централното градско подрачје и стариот дел на градот.
Од СВР Охрид апелираат до граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници и да ги користат своите возила само кога е неопходно. Доколку имаат можност, се препорачува користење алтернативни превозни средства за да се избегнат застои и да се овозможи непречено одвивање на сообраќајот.
































